Горан Милевски заминува од лидерската позиција во ЛДП, во наредните денови ќе ја депонира и официјално оставката од министер за локална самоуправа.
Официјално се уште е непознато кој ќе биде негов наследик во ЛДП, ниту кој ќе седне на министерското столче во Владата.
Неофицијално, почнати се внатрепартиски разговори, биле консултирани позвучни имиња, но и некои помалку познати за јавноста. Кадар за министер кој ќе го замени во локална самоуправа барале во редовите на партијата за кои се сметало дека ќе одговорат на обврските, но не ја исклучуваат можноста во министерското столче да седне и надпартиски кадар.
Во јавноста, пак, веќе се споменува името на поранешниот лидер на партијата и градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.
Од ЛДП, велат дека идната недела партиските тела ќе разговараат за тоа кој во иднина ќе раководи со Министерството. Како најсериозен кандидат за прв човек на ЛДП се споменува нејзиниот потпретседател и пратеник, Моника Зајкова.
Таа вели дека ако ја добие поддршката од членството, ќе прифати да раководи со партијата.
„Партијата оваа година влегува и во изборна година, односно се спрема редовен конгрес, партиски во декември, до декември мора да се одржи редовниот партиски конгрес. Се уште нема официјална одлука на органите во телата на партијата, сепак, треба да го слушнеме мислењето на Централниот одбор, Извршниот одбор, но и на членството. Јас сум еден од потпретседателите на партијата, веројатно и како носител на функција се споменува и моето име. Јас со задоволство, доколку така се одлучи на партиските органи, би ја прифатила функцијата да ја извршувам, но се е во фаза на неофицијални податоци и не е разговарано во органите и телата на партијата“ – изјави Моника Зајкова, потпретседател на ЛДП.
Од Владата кратко појаснуваат дека тие официјално не ја добиле оставката на Милевски, па со став ќе излезат откако ќе имаат писмен документ.