
Кога Петер Маѓар бил дете, на ѕидот во својата спална соба залепил фотографија од Виктор Орбан, тогаш антикомунистички бунтовник, воодушевен од првите демократски избори во Унгарија во 1990 година.

Само пред неколку години, Маѓар му аплаудираше на говорот на Орбан од првиот ред, пред да се појави како најсериозен предизвикувач на националистичкиот лидер во неговото 16-годишно владеење. Денеска, тој му стави крај на владеењето на Орбан на избори со рекордно висока излезност, што се очекува да ја потресе Русија и да предизвика шокови низ десничарските кругови на Западот, вклучително и во Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп. Делумните резултати покажуваат дека партијата на Маѓар, „Тиса“ (Tisza) — чие име е акроним од зборовите за почит и слобода — ќе освои 137 пратенички места, односно двотретинско мнозинство во 199-члениот унгарски Парламент.
Унгарец по презиме
Роден во семејство на истакнати конзервативци, Маѓар, чие презиме буквално значи „Унгарец“, уште од рана возраст бил фасциниран од политиката. Имал само девет години кога паднал комунизмот. Маѓар раскажува дека во семејниот дом во Будимпешта ги украсувал ѕидовите со фотографии од водечки политички личности.
Орбан, тогаш млад адвокат, стана херој на унгарското продемократско движење кога во 1989 година јавно побара советските трупи да ја напуштат земјата. „Имаше бран енергија околу промената на режимот што ме понесе уште како дете“, изјави Маѓар минатата година за подкастот „Фокус-група“ (Fokuszcsoport).
За време на студирањето се спријателил со Гергељ Гуљаш — актуелниот шеф на кабинетот на Орбан во заминување — и ја запознал Јудит Варга, со која се оженил во 2006 година, а која подоцна стана министерка за правда во владата на Орбан. По краткиот период во Брисел, каде што Маѓар работел како дипломат за прашања поврзани со ЕУ, семејството се вратило во Унгарија во 2018 година. Тогаш Маѓар станал директор на државната институција за студентски кредити и член на управните одбори во повеќе други државни компании.
Речиси непознат за јавноста, Маѓар брзо се прослави кога скандалот со помилувањето на соучесник на осуден педофил ја потресе владата на почетокот на 2024 година, што доведе до оставка на претседателката како и до повлекување на Варга од политиката. Иако тогаш Маѓар го отфрли прашањето за своите политички амбиции како „лоша идеја, дури и како шега“, само неколку недели подоцна го организираше својот прв митинг на кој присуствуваа десетици илјади луѓе.

Маѓар набрзо почна да се перцепира како „храбар, ориентиран кон акција и подготвен да презема лични ризици“, изјави за „Франс прес“ медиумската експертка Вероника Ковешди од универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Неговото обраќање преку социјалните мрежи „емоционално резонираше“ кај неговите следбеници, што му донесе „невиден органски досег“, додаде Ковешди, истакнувајќи дека многу негови поддржувачи го гледаат како „херој кој неуморно се бори за нив“.
Поранешниот инсајдер ја презеде дотогаш непознатата партија „Тиса“ за да може легално да учествува на европските избори во 2024 година, на кои го освои второто место, веднаш зад владејачката коалиција. Како што неговата популарност нагло растеше, Маѓар се соочи со „цунами од омраза и лаги“, како што самиот рече, исмејувајќи одредени обвинувања и негирајќи други, вклучително и оние за семејно насилство врз Варга. Овие напади „дополнително го легитимираа како лидер кој навистина е способен да донесе промена“, смета Ковешди.
Повремено, Маѓар имаше жестоки расправии со медиумите, обвинувајќи ги за погрешно насочување на фокусот. Луѓето кои лично го познаваат велат дека е перфекционист со „краток фитил“, но дека знае да се извини за своите недостатоци. Прашан во декември како се променил откако влегол во политиката, Маѓар алудираше на медиумските извештаи во кои го опишуваат како избувлив, велејќи: „Сега бројам до десет“.
Маѓар како лидер
Поразот на Орбан има значителни импликации не само за Унгарија, туку и за Европа и нејзината популистичка крајна десница. Од 2010 година, Орбан се обидуваше да создаде она што тој го нарекуваше „нелиберална демократија“, ограничувајќи ги медиумските слободи и активностите на невладините организации и слабеејќи ја независноста на судството. Тој изгради цврсти односи со рускиот претседател Владимир Путин, како и со Трамп, но постојано се судираше со ЕУ, која му замрзна милијарди евра поради загриженост за демократските стандарди во Унгарија.

За разлика од него, Маѓар вети дека ќе ја обнови западната ориентација на Унгарија и ќе ја прекине зависноста од руската енергија до 2035 година, истовремено стремејќи се кон „прагматични односи“ со Русија. Тој вети и дека ќе ги „отклучи“ замрзнатите средства од ЕУ, што би помогнало во оживување на стагнирачката унгарска економија.
Вешт комуникатор — како на социјалните мрежи, така и на терен за време на кампањата — 45-годишниот конзервативец вети промени, велејќи дека „цигла по цигла“ ќе го расклопи целиот политички систем на Орбан, систем со кој и самиот имал длабоки врски сè до неодамна. „Уште првиот ден треба да донесеме антикорупциски мерки и да поднесеме апликација за пристапување кон Европското јавно обвинителство“, изјави Маѓар вчера наутро откако гласаше. Сепак, за време на изборната кампања тој внимателно чекореше, внимавајќи да не ги одврати поконзервативните гласачи.
Политиките на Маѓар
Во надворешната политика вети дека ќе ја направи земјата сигурен сојузник во НАТО и ЕУ, истовремено критикувајќи ја Русија, со која Орбан бараше блиски врски и покрај нејзината инвазија врз Украина. Сепак, како и Орбан, Маѓар исто така одбива испраќање оружје во Украина и се спротивставува на нејзиното брзо интегрирање во ЕУ, иако не ја споделува непријателската реторика на Орбан кон Киев. Аналитичарите велат дека тензиите меѓу Унгарија и ЕУ — дополнително засилени од ветото на Орбан за пакетот помош од 90 милијарди евра (149 милијарди долари) за Киев — би можеле да се намалат под власта на „Тиса“.
Тој има и построги антиимигрантски ставови од Орбан и вети дека ќе ја укине владината програма за „гостински работници“. Ставот на Маѓар за правата на ЛГБТК+ лицата е нејасен, но тој нагласува дека ја поддржува еднаквоста пред законот.
Маѓар во овие избори користеше методи од „прирачникот“ на Орбан, водејќи теренска кампања која го однесе и во руралните упоришта на Фидес. Неговите митинзи беа исполнети со голем број национални знамиња, во стилот на Орбан, апелирајќи до патриотизмот на унгарските гласачи. Неговите конзистентни и јасни пораки, како и вештата употреба на социјалните мрежи, придонесоа за неговиот брз подем, вели Габор Тока, постар истражувач во Архивите на отвореното општество „Вера и Доналд Блинкен“.
„Многу луѓе се успокоени од приказната за некој кој неповратно влегол во конфликт со системот и за кого нема враќање назад“, рече тој, мислејќи на раскинот на Маѓар со Орбан.
„Бидејќи е социјализиран во Фидес, постојат и сомнежи дали тој може да обезбеди вистински прекин со владеењето на Орбан“, изјави Анджеј Садецки, главен аналитичар во варшавскиот Центар за источни студии (OSW).
„Левичарските гласачи можеби нема да бидат целосно задоволни со неговата агенда, но сепак го поддржуваат бидејќи тој претставува најголема шанса за промена“, додаде тој. (Си-Би-Ес – Сиднеј)