Кој е новиот македонски конзул во Србија што ги скара СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?

Кузеска сподели стара објава на Душан Адамовиќ на социјалната мрежа „Икс“ од 2012 година во која тој напишал дека „српска Македонија e окупирана“.

СДСМ прво на прес-конференција го проблематизира изборот на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија. Седиштето на конзулатот е во Панчево.

Портпаролката на партијата Богданка Кузеска рече дека Адамовиќ пред околу еден месец од српското Министерство за надворешни работи ја добил егзекватурата, а покажа и фотографија од настанот. Кузеска сподели негова стара објава на социјалната мрежа „Икс“ од 2012 година во која тој напишал дека „српска Македонија e окупирана“.

„Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, координатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 година на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат, рече Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Адамовиќ ги исполнува сите критериуми за дипломат и за негово поставување за конзул, а предлогот тој да биде конзул дошол од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДСМ и ДУИ.

Од СДСМ пак, обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја избегне одговорноста истакнувајќи дека одлуката за именување ја носи Владата на седница. Затоа според опозициската партија, одговорноста завршува кај извршната власт која одлучува кој ќе биде почесен конзул.

„ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Адамовиќ ги исполнувал критериумите, но не кажува кои се тие критериуми. Дали станува збор за политичка блискост со премиерот Христијан Мицкоски или за неговата поврзаност со Српската напредна странка?, прашуваат од СДСМ прашувајќи дали македонските безбедносни служби направиле соодветна проверка пред именувањето и дали постоело лично лобирање. Премиерот јавно да одговори како од толку угледни бизнисмени во Србија Владата го избра токму Адамовиќ за почесен конзул на Македонија и дали биле земени предвид сите релевантни околности при донесувањето на одлуката, велат од СДСМ.

Душан Аврамовиќ е лице кое е воопшто непознато на македонската јавност освен по скандалозни објави на социјалните мрежи. Истиот нема биографија или пак јавни достигнувања кои се јавно достапни.

Случајот е чувствителен и поради самата природа на позицијата „почесен конзул“. Иако почесните конзули најчесто не се професионални дипломати, тие се лица што ја претставуваат државата во одреден град или регион, имаат улога во олеснување на комуникации и услуги за граѓаните и бизнисите, и често се „прв контакт“ во чувствителни ситуации.

Извор: Независен