Димитар Ковачевски е новиот претседател на Социјал Демократскот Сојуз на Македонија. За политичарот Ковачевски јавноста дозна неодамна. Иако тој бил долгогодишен член на СДСМ и на повеќе раководни функции во партијата, не бил еден од најекспонираните во политичкиот простор. Јавноста повеќе го знае од деловниот свет, отколку од политиката. Последната негова функција е заменик – министер за финансии и член на извршниот одбор на партијата.
Директорот Ковачевски
Ковачевски повеќе време од својата позната кариера бил директор на повеќе телекомуникациски компании. Од својата повеќе од 20 годишна кариера само седум години не бил директор. Според официјалната биографија на веб страницата на владата, кариерата ја започнува во Телеком во 1998 година, а веќе од 2005та ги добива следните директорски позиции:
Директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008)
Директор на маркетинг комуникации (2008 -2010)
Директор на комуникации (2010-2016)
Директор на резиденцијална продажба (2016-2017)
Извршен директор на оне.Вип Македонија, А1 Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата (2017-2018)
Основач на старт ап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020).
Во моментов СДСМ се наоѓа во една специфична ситуација, од причина што после локалните избори имаше резултат кој што не одговараше на очекувањата и тоа предизвикува само по себе потреба од нова енергија и од реорганизација на партијата, како и изготвување на програма која што ќе го врати СДСМ заедно со сите негови членови, на победничката патека, изјави неодамна Ковачевски за ТВ 24.
Професорот Ковачевски
Димитар Ковачевски по потекло е од Куманово и таму го започнува своето средно образование, но го довршува во САД. Дипломира и магистрира на Економскиот факултет во Скопје, а докторира во Црна Гора. Тука е релевантно да се спомене дека неговиот татко, Слободан Ковачевски, своевремено беше македонски амбасадор во Црна Гора.
Стручни и научни до усовршувања добива на Универзитетот Харвард во САД, во Минхен, во Ротердарм, Холандија, во Барселона, Шпанија.
Академската кариера ја започнува како насловен доцент на Њу Јорк Универзитетот во Скопје (2009-2012), а ја продолжува како доцент на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (2012-2018). Во 2018 година е избран за вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Последната информација од неговата академска кариера е дека е шеф на катедрата за маркетинг.
Ковачевски бил колега на факултет со доскорешниот лидер Зоран Заев, а важи и за добар соработник на уште еден поранешен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.
„Што се однесува до Владата, без разлика дали ќе бидам јас премиер или некој друг потребни се секако промени. Владата мора ефикасно да работи на побрза реализација на сите проекти и капитални инвестиции. Новата влада мора да состави добар тим од професионалци кои ќе се справат со предизвиците на енергетската криза, економските политики, но секако и евроинтеграциите. Потребно е поцврсто владеење и поголема одговорност на сите нивоа од министрите па надолу. Се надевам дека во новата влада ќе има место за повеќе стручни луѓе и експерти во советничкиот тим на премиерот бидјеќи човечкиот потенцијал е клучен за добар менаџмент. Граѓаните бараат одговорност, реализација на ветеното и фокус на приоритетите и проблемите кои нив ги засегаат а тоа подобар живот и повеќе приходи“, рече неодамна
Ковачевски во интервју за МИА.
Политичарот Ковачевски
Последните неколку години биле многу успешни за политичката кариера на Димитар Ковачевски. Ковачевски станува член на Извршниот одбор на партијата во 2021 година, а од неодамна е и член на Централниот одбор на СДСМ. Најстарата информација поврзана со Ковачевски на сајтот на СДСМ е дека е претседател на Комисијата за финансии во партијата. 2020 година тој ја доби позицијата Заменик министер за финансии во владата на Заев, а воедно во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата на Република Северна Македонија за справување со економски последици предизвикани од пандемијата од вирусот COVID-19.
„Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат“, изјави Ковачевски кога ја поднесе кандидатурата.
Ковачевски е сопруг и татко на две деца