Кој е Африм Гаши, новиот спикер во Собранието?

Сега веќе екс лидерот на Алтернатива, пратеникот Африм Гаши, денеска со поддршка од 76 пратеници беше избран за претседател на Собранието.

Веднаш по гласањето тој им се обрати на граѓаните и им се заблагодари за поддршката, а исто така вети дека новата функција ќе ја извршува чесно и законски.

Во продолжение, неколку информации за новиот спикер:

Роден е во Скопје на 9 ноември 1977 година. Во политиката активно се вклучи во декември 2014 година како дел од движењето Беса, а тогаш беше избран за пратеник во Собранието со мандат 2016-2020 година.

На 9 март 2019 година го ребрендираше името на партијата во Алтернатива, а практично до вчера беше лидер на оваа партија, но мораше претседателското столче да му го отстапи на сопартиецот Беким Сали поради кандидатурата за спикер во Собранието.

Основно и средно училиште завршил во Скопје. За време на средното медицинско образование се занимавал и со музика, а со својата хип-хоп група „Празни џебови“ учествувал на разни фестивали.

Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово во 2007 година, додека моментално е на постдипломски студии на Институтот за правни, социолошки и политички студии во Скопје, на насоката политички науки.

Извесен период работел и како уредник во „Логос-А“ во САД, а познат познат е и како публицист, активен со публицистички пишувања.

Во 2011 година го основал списанието „Шења“ и до 2014 година беше негов главен уредник.

Од 2014 година е активен и во политиката, основајќи го Движењето Беса. Тој е нејзин иницијатор, дизајнер и идеатор, а извесно време ја извршуваше и функцијата генерален секретар.

Во март 2019 година, по интервенциите на државните судови и неможноста за политичко функционирање, Африм Гаши одлучи да го ребрендира името на партијата во Алтернатива.