Која е унгарската телеком групација 4iG која сака да е трет мобилен оператор во земјава?
Вицепремиерот Александар Николоски, во текот на официјалната посета на Унгарија остварил средба со Гелерт Жасзаи, претседател на 4iG-групацијата кој изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава и нудење услуги во мобилната и во фиксната телефонија.
Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнувањето на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива, се додава, е усогласена со стратегијата на 4iG-групацијата за проширување на нејзиното присуство во земјите од Западен Балкан.
Претседателот на 4iG-групацијата изразил интерес за соработка во проекти во комуникациската инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, се посочува во соопштението од македонското Министерство за транспорт.
4iG-групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенската и на одбранбената индустрија.
Во 2022 година, 4iG-групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и во Албанија, преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.
Под брендот ONE, подружниците на 4iG на Западен Балкан прават значителна трансформација. Со тоа, станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија, формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании, станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.