Кошта пристигна во Скопје, го пречекаа Муртезани и Рокас

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани рече дека за време на кусиот разговор се уверил дека претседателот на Европскиот совет во земјава доаѓа со порака на поддршка и охрабрување оти иднината на регионот е во Европската Унија.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утринава пристигна во Скопје во рамки на својата неколкудневна турнеја низ земјите од Западен Балкан. Го пречекаа министерот за европски прашања Орхан Муртезани и евроамбасадорот Михалис Рокас.

„Заедно се упативме кон Владата на Република Северна Македонија, на билатерална средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која ќе се дискутира за унапредување на европската агенда“, напиша Муртезани во објава на Фејсбук во која информира за пречекот на претседателот на Европскиот совет.

Министерот додава дека за време на кусиот разговор се уверил дека Кошта во земјава доаѓа со порака на поддршка и охрабрување оти иднината на регионот е во Европската Унија.

„Воедно, во име на Владата ја реафирмирав нашата позиција дека европската интеграција не е само стратешка цел, туку и вредносна определба“, додава Муртезани.


Пред почетокот на турнејата, Кошта порача дека доаѓа за да разговара со лидерите од Западен Балкан и за да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците со кои се соочуваат.