Кошаркарскиот турнир на ОИ во Париз најгледан во историјата

Кошаркарскиот турнир во рамките на Олимписките игри во Франција е најгледаниот во историјата на Олимписките игри, објави Светската кошаркарска федерација (ФИБА), пренесува агенцијата Танјуг.

Како што соопшти ФИБА, 1.078.319 фанови во живо гледале машка и женска кошарка во Лил и во Париз, соборувајќи го рекордот кој го држеше Атланта (Соединетите Американски Држави) во 1996 година.

На Игрите во Атланта 1.068.032 фанови гледале кошарка во живо.

Од ФИБА истакнуваат дека рекордот добива дополнителна тежина ако се знае дека на овие Игри се одиграле 40 натпревари помалку во двете конкуренции наспроти во Атланта, бидејќи форматот на натпреварувањето е значително различен.

Претходно олимпискиот победник требаше да одигра најмалку осум натпревари, а сега шест.

Просечната посетеност на натпреварите во Лил и Париз била 20.737 гледачи, сметајќи ги двете конкуренции (21.711 за мажи и 19.763 за жени).

Олимписки шампиони во двете конкуренции станаа селекциите на САД кои ја продолжија својата доминација на Игрите.

Американците славеа по 17-ти пат, а Американките 10-ти.