
Кочовски: Повеќе од 15 илјади македонски граѓани заминаа сезонски да работат во Хрватска
Работната миграција од Македонија останува стабилна, а сезонската е најизразена во летниот период. Според Зоран Кочовски, сопственик на агенцијата за посредување при работа во странство „Коузон“, секоја година меѓу 15 и 25 илјади Македонци заминуваат сезонски на работа во други земји.
Работната миграција од Македонија останува стабилна, а сезонската е најизразена во летниот период. Според Зоран Кочовски, сопственик на агенцијата за посредување при работа во странство „Коузон“, секоја година меѓу 15 и 25 илјади Македонци заминуваат сезонски на работа во други земји.
Изминатава сезона најголем број Македонци беа ангажирани во Хрватска. Според нашите податоци, над 15.680 лица од Македонија биле регистрирани како сезонски работници во оваа земја,“ изјави Кочовски.
Тој појаснува дека за Хрватска постојат официјални статистики преку нивните државни институции, додека за другите земји податоците се само приближни.
„Во Грција, според нашите сознанија, ова лето работеле околу 1.400 Македонци, во Бугарија нешто помалку од 800, а во Црна Гора бројката беше значајно намалена – околу 350 работници,“ наведува Кочовски.
Покрај традиционалните дестинации, тој забележува и раст на вработувања во Белгија, Франција и скандинавските земји, главно преку краткорочни или неформални договори.
„Забележлив е и одливот на македонска работна сила во угостителството на Кипар, што е нов тренд. Исто така, постои перманентна миграција кон Малта и делумно кон Германија и Италија,“ вели Кочовски.
Во однос на идната сезона, тој предупредува дека Европската Унија воведува нов систем на квоти за интеграција на странска работна сила, со што државите-членки ќе имаат ограничен број дозволи за вработување на странци.
„До крајот на ноември секоја земја, како што е Хрватска, ќе треба да ја усогласи својата квота со Европската Унија. Тоа значи дека повеќе нема да можат самостојно да одлучуваат колку странски работници ќе примат,“ објаснува тој.
Кочовски додава дека новите европски правила имаат цел да спречат злоупотреби – случаи кога сезонски работници по завршување на ангажманот мигрираат во други земји на ЕУ, што станува сè почеста појава.
„Дали следната година повторно ќе имаме 15 илјади Македонци во Хрватска – ќе зависи од квотите и регулативата. Ако се воведе и електронски систем на евиденција, тогаш и неформалното, односно ‘работење на црно’, ќе стане минато,“ заклучи Кочовски.