
Македонскиот систем и институциите, далеку подобро се справиле со трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани, отколку швајцарските надлежни, при нивната трагедија во дискотеката во Кран-Монтана, смета премиерот Христијан Мицкоски.
Прашан дали „чувствувате како Влада дека добро се справивте со трагедијата во Кочани пред една година?“, при денешната посета на Кочани Мицкоски беше сигурен во себе:
„Апсолутно да. Апсолутно да, но кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски. Јас не сакам да бидам и да делувам некрофилски, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање, затоа што ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме, со она што се случи во Кран-Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се справивме. Во сите параметри, во сите споредби. За жал не постои начин да ги вратиме тие кои не се повеќе меѓу нас. Но, од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан, со оној настан што се случи во дискотеката во Кран-Монтана, Швајцарија, неколкукратно подобро, верувале или не, системот македонски, институциите македонски реагираа подобро, отколку системот во Швајцарија и институциите во Швајцарија. И тоа се бројки“, тврди премиерот.
Мицкоски оваа изјава ја даде во Кочани, каде заедно со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, присуствуваше на почетокот на изградба на дел од собирни улици „Никола Карев“ и дел од градската магистрална улица „Новопланирана 1“.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи пред точно една година, односно на 16 март, додека концерт имаше групата „ДНК“. Повеќето членови на бендот загинаа во несреќата, а вкупната бројка загинати е 63, додека околу 200 беа повредени, кои и ден денеска се опоравуваат од повредите здобени во пожарот.
Во пожарот во барот „Ла Констеласион“ во Кран-Монтана во новогодишната ноќ загинаа 41 лице, а 115 беа повредени. Според сведоците и обвинителите, пожарот се чини дека бил предизвикан од прскалки кои ја запалиле пената за звучна изолација на таванот од подрумот на барот. Речиси идентично како и во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во Македонија во процес е судење за околу 35 обвинети, меѓу кои поранешни градоначалници и други функционери и претставници на институциите кои се обвинети за непостапување за спречување на вакви трагедии, како и сопственикот на локалот, членови на обезбедувањето и други.
Ноќта, по пожарот, кој настана околу 2 часот, во дискотеката покрај огнот проблем било и стампедото кое се создало, односно, неможноста на присутните брзо да излезат од просторијата, пред сѐ затоа што имало само еден излез, додека другите постоечки врати биле заклучени.
Во пожарот кој избувна во дискотеката во Кран-Монтана во Швајцарија на Нова година, во 1,30 часот, пак загинаа 41 лице, а 115 беа повредени. Проблемот со еден излез постоеше и таму, но тука некаде завршува сличноста меѓу двата пожара, кои за жал завршија со многу жртви, пред сѐ млади на возраст од 16 до 40-тина години.
И во двете трагедии, повредените беа пренесувани во болници и центри за изгореници во други држави.
Извор: Независен.мк