
Коцевски: Обвинителство води предистрага за повеќе институции во врска со „Пулс“
➡ Одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, Коцевски рече дека со завршување на обвинението не значи дека завршила и постапката за Кочани и дека податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо ново и дека сите овие пораки се испратени до одбраната и судот.
Oбвинителство води предистрага за вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), но и во други институции за десетина кривични дела во врска со пожарот во дискотека „Пулс“ во Кочани, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, Коцевски рече дека со завршување на обвинението не значи дека завршила и постапката за Кочани и дека податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо ново и дека сите овие пораки се испратени до одбраната и судот.
-Јавното обвинителство уште од почетокот постапуваше по поднесена кривична пријава. Меѓутоа Јавното обвинителство водеше и предистражна постапка и во однос на сите останати други институции, што значи дека во моментот на подигање на обвинение, немаше докази во однос на инспектори во УЈП, меѓутоа предистражната постапка беше отворена веднаш и таа сè уште трае, со тоа што со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Еве вчера имав состанок со обвинителите и овие податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо нови. Сите овие пораки се испратени до одбраната, сите овие пораки се испратени до судот. Сите овие пораки ги имаше и Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена не само во однос на УЈП, туку и на евентуално други институции и тука она што беше кажано сметам дека беше избрзано, имајќи предвид дека истражувачите на (ИРЛ) не побараа информации од Обвинителството, изјави Коцевски.
Во однос на другиот предмет за пожарот во „Пулс“ што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против 13 полициски службеници и за кој сè уште нема обвинение, Коцевски рече дека тоа е така затоа што на предметот работи само еден јавен обвинител, но и дека се запазени сите рокови.
-По другиот предмет постапува само еден јавен обвинител. Причината зошто е така, е затоа што сè уште немаме доволно јавни обвинители, односно сè уште имаме 70 јавни обвинители помалку. Наредните три и пол години така ќе биде и од тие причини, со оглед дека е еден јавен обвинител, постапката се води подолго време, меѓутоа таа ќе заврши наскоро, рече Коцевски.
Прашан во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера коментирајќи ги наводите објавени во документарниот филм на ИРЛ, меѓу другото, рече дека не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител, Коцевски рече оти не сака да навлегува во политички изјави.
-Политиката е една работа, работата на Јавното обвинителство е сосема друга. Јас и понатаму ќе работам чесно и законито, а другото го оставам на политичарите, рече Коцевски.
Истражувачката репортерска лабораторија во неделата објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во кој беа објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати и лица кои биле во објектот, како и разговори преку апликации меѓу сопствениците на дискотеката и инспектори на УЈП.