Коцевски: Нема политичко влијание врз мојата работа, за дивоградбите во Чаир се водат истраги и предистраги

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека врз неговата работа нема политичко влијание, оценувајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството како реален и објективен. Тој посочи на напредок во транспарентноста и борбата против високата корупција, но и на сериозни предизвици како недоволниот буџет и недостигот од кадар. Коцевски информираше и за тековните постапки поврзани со дивоградбите, како и за предметот за пожарот во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека обвинителството постапува согласно законските надлежности.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека врз неговата работа нема политичко влијание, оценувајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството како реален и објективен. Тој посочи на напредок во транспарентноста и борбата против високата корупција, но и на сериозни предизвици како недоволниот буџет и недостигот од кадар во Обвинителството. Информираше и за тековните постапки поврзани со дивоградбите, како и за предметот за пожарот во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека обвинителството постапува согласно законските надлежности.

Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со извештајот на Европската комисија околу правосудството, пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, Коцевски посочи дека Комисијата правилно ги проценила работите. Прашан за коментар на ставот на премиерот Христијан Мицкоски околу делот на извештајот за правосудството, рече дека нема да коментира политичка изјава.

-Европската комисија правилно ги проценила работите. Последниот период навистина се зголеми, почнувајќи од транспарентноста и потоа она сѐ што јас го ветив на почетокот, а тоа е давање приоритет на предметите за висока корупција и истите се ажурираа и до овој момент навистина имаме успех. Во однос на останатото, точно е тоа дека јавното обвинителство има помалку предвидени средства во однос на она што следува со закон и тоа го воочила Комисијата, така да во тој дел сметам дека се она што е напишано реално во однос на односот на Јавното Обвинителство. Можам да кажам одговорно дека лично на мене нема никакво влијание ни еден политичар досега во однос на некои предмети, истакна Коцевски.

Прашан дали тоа што не се одобруваат нови вработувања во ЈО, го смета за притисок врз работата, Коцевски не даде став, но истакна дека и покрај барањата за нови вработувања, тие не се одобрени веќе две години, што го отежнува функционирањето на институцијата.

-Јас како државен јавен обвинител досега сум одел на секој ребаланс на буџетот и сум одел на бирање на буџетот и истото го повторувам пред пратениците дека навистина ни се потребни средства онолку колку што најмалку предвидува законот. Тоа е 0,4 отсто од буџетот, со тоа што токму така, во овие последниве две години не се одобрени, ниедно вработување. Јас како државен обвинител и за минатата година барав само 100 вработување на ниво на Македонија, што значи административна служба, меѓутоа не ни беше одобрено ниедно и оваа година истото го повторив и барав само 100 вработувања. Меѓутоа и оваа година работиме со јавно-обвинителска служба од една третина, истакна Коцевски.

Републичкиот обвинител информираше дека за сите пријави за дивоградби во Општината Чаир како и за територијата на цела држава се постапува со предистраги и истраги, но не може да посочи бројки.

-Околу дивоградбите имаме неколку предмети. Имаме предмети во истрага, имаме предмети во предистрага. За последните случувања, знаете, вчера судот по жалба на јавното обвинителство определи притвор за потенцијалниот сторител на кривичното дело што значи Јавното обвинителство (ЈО) и понатаму ќе постапува по секоја кривична пријава или евентуално по секој поднесок во врска со дивоградбите и тука, не се сомневам дека јавните обвинители ќе постапуваат правилно. Она што вчера го слушнав дека градоначалничката поднела нова кривична пријава. Истата ќе се процесира во најбрз можен рок. Старите се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа, реков истрага има, така што ќе се постапи, истакна обвинителот Коцевски.

Прашан дали се размислува за раздвојување на предметот поврзан со пожарот во дискотеката во Кочани, Коцевски рече дека најверојатно тоа нема да се направи, дополнувајќи дека ЈО има искуство со поголем број обвинети во еден предмет.

-Јавното обвинителство тргна токму од тие околности, дали може да се раздвои постапката или не може да се раздвои имајќи ги предвид низа околности. Ако се раздвоеше постапката, можеби ќе се комплицираше, а се работи за ист кривично-правен настан, што значи дека доколку таму во една постапка бидат обвинети, во друга постапка може да бидат сведоци и така натаму. Меѓутоа има и од претходното искуство што имаше предмети со над 30 обвинети. Сметам дека не е бројката многу голема и чекаме сега одобрување на обвинителниот акт. Тоа е еден предмет, а другиот предмет, се надевам дека некаде во почетокот на септември ќе заврши истрагата за полициските службеници што е предметот во организиран криминал, истакна Коцевски.

Советот на јавните обвинители денеска ја одржа дваесет и седмата седница на која беа избрани по двајца нови обвинители во Основно јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.