
Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, најави дека наскоро ќе биде донесена одлука за предметот кој го води скопското Јавно обвинителство за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
„Јавниот обвинител презема дејствија и набргу ќе има јавнообвинителска одлука“ – рече Коцевски.
Тоа значи дека наскоро ќе се знае дали ќе се отвори истрага за неговиот сертификат по англиски јазик. Минатиот месец Коцевски објави дека конечно добиле одговор од бугарските власти преку меѓународна правна помош дали сертификатот за англиски јазик на директорот Христовски е фалсификат, но не кажа што стои во него. Сепак, наведе дека тоа што го добиле било поттик да испитуваат „и други околности и факти“ и најави дека наскоро ќе излезат со јавнообвинителската одлука.
Антикорупциска одлучуваше за овој предмет и реши дека немаат надлежност да утврдуваат дали некој документ е фалсификат или не, а формално-правно документите биле доставени и Христовски ги исполнил условите. Со 5 гласа „за“ ја запре постапката, а предметот за првиот човек на АНБ го затвори и го архивираше. За Антикорупциска не беше спорен ниту ТОЕФЛ сертификатот за познавање англиски јазик, ниту дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје на Христовски, за кои се дигна најмногу врева во јавноста.