Коцевски: Истрагата за Артан Груби е завршена, се чека само екстрадицијата

Истрагата во која е осомничен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е речиси завршена, единствено се чека на неговата екстрадиција – рече јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, во гостување во емисијата „360 степени“.

За констатацијата во извештајот на Европската комисија за земјава дека „корупцијата останува распространета во многу области и е прашање за сериозна загриженост“, Коцевски вели дека за борба против корупцијата треба да се создадат услови.

Истрагата во која е осомничен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е речиси завршена, единствено се чека на неговата екстрадиција – рече јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Според него, сите докази се собрани, има и финансиска истрага, но немаат информација каде е Груби бидејќи тоа не е надлежност на Обвинителството.

За констатацијата во извештајот на Европската комисија за земјава дека „корупцијата останува распространета во многу области и е прашање за сериозна загриженост“, Коцевски вели дека за борба против оваа појава треба да се создадат услови што значи дека се потребни истражители, истражни центри и форензичари кои ќе можат тоа да го работат.

На прашањето дали Јавното обвинителство го дава максимумот во борбата против корупцијата, имајќи ги предвид ваквите наводи во документот од ЕК, Коцевски одговара:

„Обвинителството дава повеќе од максимум. Верувајте, затоа што еве, и јавноста знае со какви предмети се соочуваме, со каков вид на висока корупција се соочуваме…“.

Во однос на прозивките за обвинителството од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека МВР поднесува кривични пријави, а Јавното обвинителство селективно постапува по нив, Коцевски рече дека согласно неговите информации, Јавното обвинителство воопшто не постапува селективно, а доказ за тоа е и последниот предмет за Кочани, каде тие работеле по кривични пријави на МВР. Исто така, вели државниот обвинител, Министерството за внатрешни работи има поднесено околу 14 000 пријави, а тој прилив е решен од Јавното обвинителство.

„Не зборувам за оваа година што поднеле, туку воопшто како прилив. Е сега, тука имајќи ги предвид и другите институции, поединци што поднеле кривични пријави и така натаму, тоа е некаде цифра над 20 000. Што значи дека со овој капацитет на јавни обвинители што во моментов има – околу 70 помалку, а претходно имаше околу сто јавни обвинители помалку, Јавното обвинителство навистина работи во рамките на можностите, па и повеќе“, вели тој.

Коцевски отфрла селективност при постапувањето и вели дека Јавното обвинителство носи одлуки врз база на собрани докази.

„Може Министерството за внатрешни работи да поднесе кривична пријава, меѓутоа Јавното обвинителство е должно да постапи по таа кривична пријава и да собира докази“, рече државниот јавен обвинител.