Коцевски за бегството на Груби: Проверуваме дали е виновен само полицискиот службеник

Обвинителството работи врз основа на докази. За поранешниот премиер Димитар Ковачевски засега нема истрага, но продолжува проверката на наводите од МВР, вели државниот јавен обвинител во интервју за „360 степени“.

Мерка „стоп“ за Артан Груби е издадена по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје неколку дена пред неговото бегство. Полицискиот службеник морал да провери. Не изнесуваме детали, но преземени се дејствија, да видиме дали само полицискиот службеник е виновен или има и други, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“.

Одговарајќи на прашањето дали Груби бил пуштен да избега, Коцевски вели дека е отворена постапка во Обвинителството за полицаецот.

„Се водеше предистражна постапка со тоа што, неколку дена пред Груби да ја помине границата, по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје беше дадена мерка ‘стоп’. Што значи дека штом е таа мерка ‘стоп’ дадена, на сите наши граници, службеникот што ги проверува документите треба да провери и да види дали тоа лице може да ја помине границата или не. Министерот за внатрешни работи соопшти дека се работи за човечки фактор. Против лицето коешто го пропуштило е заведена постапка во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, со оглед дека се работи за полициски службеник“, рече Коцевски.

За потсетување, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, ја поднесе пријавата до ОЈО ГОКК на 20 декември.

Коцевски смета дека не треба да се верува во други теории освен она што Обвинителството се обидува да го провери, а за таа намена обезбедило снимки од камери, сослушува сведоци и истражува како побегнал поранешниот вицепремиер.

Државниот обвинител рече дека тој лично не знае каде е Артан Губи во моментов, но се надева дека, со оглед на тоа што за него е распишана меѓународна потерница, ќе биде испорачан во државава.

Коцевски вели дека Обвинителството не бара колективна одговорност, бидејќи за колективна одлука нема одговорност, како што е случајот со Државна лотарија и претседавањето на Груби со седницата за којашто се поведе постапката.

„За колективна одлука нема одговорност. Ова е за начинот да се заобиколи Државна лотарија“, рече Коцевски.

Со оглед на тоа што во поднесената кривична пријава од страна на МВР, наведен е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање, државниот обвинител рече доказите засега не го инволвираат Ковачевски.

„Јавното обвинителство постапува врз основа на докази. Во моментот на поднесување на кривична пријава МВР сметало дека и тој (Димитар Ковачевски, н.з) е одговорен. Меѓутоа, од доказите коишто Јавното обвинителство ги има, засега се води постапка за овие лица. Меѓутоа, не е постапката затворена за останатите, што значи дека сè уште се проверуваат наводи. Доколку има место за одговорност и на другите лица коишто се опфатени со кривичната пријава, верувајте дека јавниот обвинител ќе постапи“, изјави Коцевски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.

Републичкиот јавен обвинител повтори дека лично тој оформил предмет по допрен глас за тргување со влијание откако Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени на американската „црна листа“.

„Се работи за предмет којшто јас лично, согласно моите овластувања, го оформив по допрен глас. Првите дејствија се презедоа. Јавното обвинителство издаде наредба. Се прибавува предметот во Судскиот совет за кој се водеше постапка и ќе се преземаат и натаму, конкретно за тргување со влијание. И евентуално да видиме дали се работи навистина за некаков поткуп“, рече обвинителот.