
Коцевски во одбрана на Дурмиши: Досега нема доказ дека било побарано продолжување на лиценцата на „Пулс“
Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој прецизира дека досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително, како што кажа, се води истрага и против седум полициски службеници.
Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.
Коцевски за осомничените од ДЗС: Ги запоставиле своите надлежности, воопшто не извршиле инспекциска контрола
Коцевски информирајќи за деталите во врска со проширената истрага за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани вели дека во текот на вчерашниот ден ОЈО Кочани ја проширило истрагата за нови 19 лица и сите како и претходните, за кои беше поведена истрага, се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од КЗ. За четворица од обвинетите е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување на комуникација, и за уште седум лица се предложени мерки за претпазливост. Еден од осомничените во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата.
Покрај оние за кои постои сомнение за директна одговорност, Коцевски вели дека се истражува и одговорноста на сите институции и службени лица чии постапки довеле до кабарето од самиот почеток до крајот да продолжи да работи без воопшто да поседува законски услови.
„Покрај тројцата градоначалници на Кочани, ОЈО дојде до основано сомнение и за тројца овластени градежни работници кои постапувале спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски преименуван во угостителски објект“, вели Коцевски.
Како што вели, од ДЗС, покрај директорот, поведена истрага за уште три лица на истата функција вклучително и актуелниот директор и генералниот директор во Дирекцијата кој бил на таа функција во тек на целото работење на Клубот.
„Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во законот за заштита и спасување, и законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности, не само по однос на овој клуб туку и на останатите угостителски објекти низ државата“, вели Коцевски.
Ниту еднаш, вели Коцевски, низ годините согласно ризиците кои постоеле и морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор на објекти кои вршат угостителска дејност.
„Со своето неизвршување на должностите , спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“, вели Коцевски.
Министерот Тошковски посочи дека во насока на расветлување на правно-кривичниот настан Министерството за внатрешни работи презеде низа активности со кои покажа дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази.
-Ќе продолжиме и понатаму да преземаме активности за секој што ќе бидат собрани докази, рече Тошковски.