
На научната трибина во Крушево по повод 120 години од Илинденското востание, која на никаков начин не била поддржана од државата и била единствена од ваков вид за овој голем ден претседателот на МАНУ истакна дека денес Македонија е повторно поробена држава и само обичен протекторат на кој му бил потребен трет Илинден.
„Македонија е повторно поробена земја, вазал, банана држава, неоколонијален феуд. А за тоа се исклучиво виновни дел од македонските политичари кои во изминативе 30 години поддржувајќи лукративни, сервилни и недостоинствени форми на владеење, поточно би рекол дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна во поробена земја“, изјави Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
На конференцијата, организирана од Матицата на иселениците, зборуваа и историчари.
„Македонската државност почива на темелите на Илинденското востание, на Илинденската револуција, и ако сакате прецизно – на двата Илиндена, од 1903 и од 1944. Темелот е буквално овде, во Крушево. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување“, рече Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје.
Нејзината колешка од Институтот, Наташа Котлар-Трајкова порача:
„Двата Илиндена се врвен чин не само на слободарските пориви на македонскиот народ, бидејќи Вапцаров е прв кој вели дека со Илинденското востание внесовме народна содржина, со крвта на народот. Тоа значи дека македонскиот народ создава своја историја кога е дел од македонската колективна меморија. Обидот да не се прослават или одбележат овие два моменти, значајни од македонската историја, да се негираат научноста или македонската меморија, одат во насока да се опонира или избрише македонството“.