
Кос: Оваа генерација би можела да го доживее обединувањето на Европа
Геополитичкиот контекст денес е фундаментално различен од оној што го имавме порано и во такви услови проширувањето го надмина својот технички карактер и стана клучна геополитичка алатка на Унијата во соочувањето со предизвиците кои светскиот поредок базиран на правила ги нема видено од Втората светска војна, рече Кос.
Верувам дека оваа генерација, ако ги направи работите како што треба, ќе го доживееме обединувањето на Европа, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето на панелот „Соработка меѓу НАТО и ЕУ: Основа за демократската отпорност во ерата на хибридна војна и странско мешање“ во рамки на 107-миот Семинар „Роуз-Рот“ што се одржува денеска во Европскиот парламент.
– Геополитичкиот контекст денес е фундаментално различен од оној што го имавме порано и во такви услови проширувањето го надмина својот технички карактер и стана клучна геополитичка алатка на Унијата во соочувањето со предизвиците кои светскиот поредок базиран на правила ги нема видено од Втората светска војна, рече Кос.
Таа посочи дека проширувањата е еден од најдобрите примери за соработката меѓу ЕУ и НАТО, бидејќи во многу земји реформите за пристапување во Унијата одеа паралелно со членството во НАТО, за што постојат слични барања поврзани со демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Кос нагласи дека интегрирањето на земјите од Централна и Источна Европа во структурите на ЕУ и НАТО им обезбедило економски можности и услови да напредуваат и да се трансформираат во успешни приказни.
– НАТО останува важен овозможувач на проширување преку заштита на оние кои веќе се негови членки, како што се Албанија, Црна Гора и секако Северна Македонија, истакна Кос, додавајќи дека Алијансата е партнер на ЕУ и во поддршката за Украина, преку силите на КФОР во Косово, како и во поддршка на нејзината мисија во Босна и Херцеговина.
Според неа, јасно е дека ако Европејците сакаат да ги одбранат своите демократии и заедницата на споделени вредности, мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, што бара огромни напори, но исто така носи и можности.
– Затоа мора да продолжиме да инвестираме во одбраната на Украина и да и помогнеме на нејзиниот пат кон ЕУ. Но, не е само Украина. Треба да ги отстраниме и другите преостанати „црни точки“ и да го обединиме нашиот континент, бидејќи поголемата и обединета Европска Унија е клучна за европската сила и безбедност и затоа сега треба да ја завршиме работата за европско единство под многу потешки околности отколку во минатото, додаде Кос.
Според неа, овие потешкотии произлегуваат од тоа што денес при проширување се соочуваме со „непријатели на слободата“, кои трошат огромни суми за да го попречат процесот и инвестираат во поларизирање на општествата, дестабилизирање на демократиите и еродирање на довербата во земјите кандидати за членство.
– Со тоа треба да се справиме само заедно ако сакаме да го заштитиме демократскиот простор, а ЕУ и НАТО се бранители на демократскиот простор, па затоа немаме друг начин освен да се надополнуваме еден со друг во справувањето со кампањите на лажни информации и хибридни закани, рече Кос.
Таа истакна дека ЕУ разви инструмент кој обезбедува услуги за одговор и справувањето со големи инциденти поврзани со кибер безбедноста, до кој пристап имаат и земјите опфатени со процесот на проширување од Западниот Балкан, како и Молдавија и Украина.
– Тоа е најсилната алатка што ја има Европската Унија за да изгради демократска отпорност во Европа. Работиме со земјите кандидатки за да помогнеме во изградбата на институции, робусно и отпорно судство и силно општествено ткиво каде што граѓаните можат да напредуваат, додаде Кос.
Еврокомесарката оцени и дека ако ги продолжат преговорите за членство со сегашната брзина, Црна Гора би можела да ги заврши на техничко ниво до крајот од 2026, а Албанија до крајот од 2027 година, со што би можеле да станат членки на ЕУ во мандатот на сегашната Европска комисија.
Според неа, ЕУ треба да им помогне на оние земји кои слободно избрале и вложуваат напорна работа за да се приклучат на европската заедница на вредности, со тоа што ќе го направи последниот чекор за конечно да го заврши обединувањето на Европа.
– Проширувањето денес, за мене, е многу повеќе од зголемување на Европската Унија во квадратни километри или во бројот на луѓе. Тоа денес е важно за безбедноста. Никогаш немало војна на територијата на Европската Унија. Имаше во Европа, дури и во мојата земја, во мојата поранешна држава Југославија и војната беше навистина лоша, но никогаш ја немаше на територијата на Европската Унија. Затоа денес е важно обединувањето на Европа. Никогаш порано не сме го имале ова, ако го направиме како што треба, ќе успееме, заклучи Кос.
Во обраќањето на истиот панел, заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска рече дека демократијата не е секогаш лесна и дека не е тешка само транзицијата кон неа, туку и нејзиното практикување на секојдневно ниво.
– Демократијата е здив на слободата и треба да се негува, мора да се брани и тоа е она што го правиме во НАТО секојдневно. Се соочуваме со предизвици за нашите интереси, нашите вредности, нашата слобода и демократскиот начин на живот, а ова е особено видливо сега кога безбедносната средина е сложена и хаотична. Но, НАТО е штит и за Европа и за Северна Америка, истакна Шекеринска.
Според неа, дури и по завршувањето на војната во Украина, нема да исчезне опасноста што Москва ја претставува за безбедноста на Европа и за стабилноста во светот и затоа како одговор се гради уште посилно НАТО, со задача да ја заштити слободата и безбедноста, што Алијансата го прави со својот клучен партнер ЕУ.
– Ние сме посветени на заштитата на мирот, слободата и просперитетот и сме решени заедно да се справиме со заедничките предизвици. Ова беше само една од причините зошто лидерите на ЕУ беа на Самитот на НАТО во Хаг минатиот месец, каде што НАТО сојузниците донесоа навистина тешки и предизвикувачки, но неопходни одлуки за зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, за да можеме да ги покриеме и основните одбранбени потреби, но и оние поврзани со инвестиции за зголемување на индустриското производство во одбраната низ Алијансата, рече Шекеринска, додавајќи заедничките напори на НАТО и ЕУ ги прават Европа и Северна Америка побезбедни.
Таа нагласи дека НАТО сака да види посилна европска одбрана, која ќе биде интероперабилна со Алијансата и комплементарна со на она што таа го прави, бидејќи трансатлантското партнерство е и ќе остане камен темелник на европската безбедност, на зголемување на отпорноста и на заштитата на критична инфраструктура.
Шекеринска се осврна и на состојбата во Украина, нагласувајќи дека сите сакаме бруталната руска агресија да заврши брзо со одржлив и траен мир, за што единствен начин е НАТО и ЕУ да продолжат со силната поддршка за земјата.
– Знам дека земјите во војна им е потребна политичка и финансиска поддршка, им треба муниција, им треба противвоздушна одбрана, им требаат беспилотни летала, но исто така им треба надеж. Им треба и политичка поддршка што можеме да ја испратиме. Па, дозволете ми да кажам дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува Украина на нејзиниот неповратен пат кон членство во НАТО, а гледаме и како ЕУ ја доближува Украина до европското семејство, рече Шекеринска.
Таа посочи дека беше споменато оти зачленувањето во НАТО било малку полесно отколку во ЕУ, но дека таа како граѓанин на земја што помина низ тешки времиња, може да каже дека тоа не беше лесно.
– Бараше многу болни компромиси, но денес гледаме колку е важно што ја завршиме нашата задача. Затоа мојата порака и до европските колеги е да го направат она што е исправно, бидејќи видовме дека одложувањата предизвикуваат криза, двоумењето предизвикува проблеми и затоа оваа политичка порака мора да оди рака под рака со акција. Заедно НАТО и ЕУ можеме да направиме повеќе за да ја зајакнеме и одбранбената индустрија на Украина и подобро да ја интегрираме одбранбената индустрија на Украина со нашата, додаде Шекеринска.
Според неа, со зајакнување на отпорноста, на индустриското производство и на поддршката на Украина, ќе зајакнат и способноста за одвраќање и одбрана и на Европа и на Северна Америка и ќе бидат заштитени демократијата и западниот начин на живот.
– Мора да се фокусираме да ја завршиме нашата работата, бидејќи работејќи заедно ќе бидеме посилни и побезбедни, а само ако бидеме побезбедни и посилни ќе останеме слободни, заклучи Шекеринска.