
Костовски од СДСМ ги поддржа српските студенти, Стоилковиќ му врати со погрден коментар
„Напумпамо ве на избори. Да не сакате и неко друго пумпање? Затвори чекав …“, напиша вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците на Фејсбук, коментирајќи го статусот на организацискиот секретар на СДСМ, кој јавно ги поддржа студентските протести во Белград со порака „Пумпај”.
Организацискиот секретар на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Мартин Костовски, на својот приватен фејсбук-профил објави порака „Пумпај“, слоган што секојдневно се користи на студентските протести во Србија.
Со тоа, Костовски им изрази поддршка на студентите пред денешните големи протести во Белград.
Зборот „пумпај“ одекнуваше на сите досегашни протести во Србија. Со тоа, стана вирален лајтмотив.
Но, објавата на секретарот на СДСМ очигледно го испровоцира вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, кој направи принтскрин од статусот на Костовски и го сподели на неговиот приватен фејсбук-профил со коментар:
„Напумпамо ве на избори. Да не сакате и неко друго пумпање? Затвори чекав …“, пишува Стоилковиќ.
Ова е линк од објавата на фејсбук-профилот на Стоилковиќ:
Инаку, денеска во Белград се одржува масовен протест на студенти и граѓани од целата држава, што се смета за кулминација на три и пол месечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.