
(Видео) Костова: Паѓа довербата на ВМРО-ДПМНЕ поради очајната политика на секое поле
🔴 Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во интервју за магазинот „Трилинг“ жестоко ја нападна актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи на сериозни економски и институционални слабости. Таа предупреди дека Македонија се соочува со најлошата економска состојба во последната деценија – со енормно зголемени трошоци за живот, пад на куповната моќ и раст на јавниот долг, кој според неа ја турка државата во „должничко ропство“. Освен економските индикатори, Костова крена прашања и за нетранспарентноста во договорите со странски партнери, како и за ризикот од оттргнување од европскиот пат, со директни обвинувања за корупција, медиумска пропаганда и општествена поделба. Истакнува дека владата на Мицкоски не прави суштински реформи, особено во правосудството, што според неа отвора простор за корупција и институционална немоќ. Како пример ја наведува аферата со Бојан Христовски и влијанието на обвинителството.
Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ, во интервју за магазинот „Трилинг“ остро ја критикува актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Таа го посочува лошото економско и институционално здравје на државата, предупредувајќи за растечка инфлација, намалена куповна моќ, зголемен јавен долг и економска нестабилност која, според неа, ја доведува Македонија во „должничко ропство“.
Костова ги критикува и нетранспарентните договори со странски партнери, посебно околу капиталниот проект на пругата кон Грција и спогодбата со Велика Британија, за која смета дека создава ризик од отворање мигрантски кампови и оддалечување од европскиот пат. Таа посочува и на корупција, медиумска пропаганда, создавање општествени поделби и антиевропски тенденции кои ги поврзува со влијание од Кремљ.
Истакнува дека владата на Мицкоски не прави суштински реформи, особено во правосудството, што според неа отвора простор за корупција и институционална немоќ. Како пример ја наведува аферата со Бојан Христовски и влијанието на обвинителството.
Во однос на претстојните локални избори, Костова најавува дека СДСМ ќе понуди силни кандидати за градоначалници и ја критикува власта дека единствено што знае е да шири пропаганда и да создава поделби во општеството.

„Сржта на главните проблеми во државата се очајните резултати кои ги покажува владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ во минатата година, првенствено на економски план. Народот се повеќе и повеќе ни тоне во немаштија, сиромаштија, куповната моќ на граѓаните е падната и е најниска во Европа, минималната плата е претпоследна. Трошоците за живот секојдневно растат. Последен податок е дека цените на зеленчукот во споредба со минатата година пораснале за 46%. Тоа е речиси 50% раст на цените, за кои Владата и Мицкоски не сакаат во целиот повој период на кој било начин да интервенираат, да го спречат ова дивеење на цените, растот на инфлацијата“, изјави во магазинот „Трилинг“ потпретседателката на СДСМ Кристина Костова.
Таа додава дека не само куповната моќ, не само цените и оние финансиски предизвици со коишто секој од нас се соочува, туку покачени се и сметките за струја, за парно.
-Во општините кадешто владеат градоначалниците од редовите на ДПМНЕ има покачување на комуналните услуги од комуналните претпријатија и покрај тоа што сервисот, односно услугите што ги добиваат граѓаните како квалитет се имаат значително намалено. Растат даноци за имот, за пренос на имот и сето тоа на начин кој што не е и целосно законски. Имаме земја која е се повеќе и повеќе задолжена. Не зборуваме само за унгарскиот кредит и само за кредитот кој е дел од партнерството со Велика Британија, туку овде говориме и за последниот ребаланс на буџетот кој инаку се користи како предизборно оружје од ДПМНЕ, но според тој ребаланс ДПМНЕ залага ново задолжување од 500 милиони евра, вели Костова.
Прашана дали молкот од страна на СДСМ за тоа дека владата на затворена седница ги разгледувала понудите од странските што се пријавиле за финансирање на крупниот капитален проект пруга кон Грција претставува своевидна компензација на сомнителноста околу проектот „Бехтел и Енка“ од времето на СДСМ, Костова вели дека за таа наводна сомнителност се покажало дека нема никаква издржаност затоа што оваа Владејачка структура предводена од Мицкоски и ДПМНЕ се што зборуваа сега го бришат и ставаат на страна.
„Тие продолжуваат со спроведување на проектот со „Бехтел и Енка“ и гледаме дека сега нема никаков проблем таму и дека тоа го користеле само како пропагандна техника за да освојат колку што можат повеќе гласови или политички поени создавајќи едно огромно незадоволство кое се покажува како неоправдано. Економски текови на оваа влада се покажуваат како катастрофални. Со ова последно задолжување се преминува онаа критична граница од 60% проценти на јавниот долг од БДП. Тоа значи дека Македонија буквално се турка во должничко ропство, а гледаме дека и покрај земањето на многу неповолни кредити, по многу неповолни каматни стапки и на нетранспарентен начин парите сѐ уште не знаеме во целост како се трошат. Уште една многу загрижувачка ситуација со економијата е пад на индустриското производство. Ова морам да го спомна затоа што сега се обидуваат да продадат некој ‘филм’ за егзалтација или сами да си аплаудираат на себе си дека имало некаков раст во споредба со мај 2024, но и економските експерти велат дека тој месец не може да се земе како споредба или како параметар затоа што мај 2024 година беше месец на сериозни политички превирања. Мај 2023 до мај 2024 има пад на индустриското производство од некои си 13,5%, така што споредбено со тој месец сѐ уште имаме минус од 4% за индустриско производство.
-Инвестициите и инвеститорите си одат, капитални инвестиции гледаме дека нема и особено е загрижувачки, и не го нотираме тоа само ние, а тоа е ставањето во финансиска незавидна ситуација или финансиска зависност преку унгарскиот кредит како сомнителни финансиски текови кои водат до она што и самата ЕУ го препознава како зависност од Кина.

Говорејќи за проектот поврзан со пругата, Костова вели дека во јавноста постојат многу недоследности и нетранспарентност во однос на тој проект.
„Зад целата таа спогодба којашто сакаат да ја претстават како меѓународен договор со Велика Британија, и кога јавноста не располага со доволно информации и кога ние треба да се информираме од странски медиуми што значат договорите што ги потпишува оваа влада, тогаш не можеме да тргнеме по патот на ДПМНЕ од минатото и само да се расфрламе со критики ако немаме доволно информации.
„Во минатото се креваше галама и паника околу секоја постапка на било кој член на владата. Деновиве министерот за одрана и министерот за надворешни работи се во посета на Велика Британија. Јас ќе ве потсетам на една голема галама или паника која се створи околу пречек на нашата тогашна министерка за одбрана со инструменталната верзија на „Јовано Јоване“ мислам, сега не гледаме дека тие се пречекани ниту со македонската химна, ниту се пречекани на соодветно ниво. Би спомнала и за известувањата од сериозни британски медиуми за одредени толкувања на таа спогодба која е потпишана помеѓу Велика Британија и Македонија, а во која што спогодба, тие толкуваат, дека договорот за менаџирање на мигранти значи и дека во Македонија би се отвориле такви мигрантски кампови за што Мицкоски и ДПМНЕ бегаат од таа тема, не одговорат на тие прашања, не одговараат на прашања кои се поставуваат не само од СДСМ у туку и од генералната јавност, а се поврзани со известувања од британски медиуми и нивно толкување на тие спогодби“, вели Костова.
Околу критиките на Договорот со Велика Британија кои одат во насока на предупредувањата од страна на Фискалниот совет кој вели дека со кредитот од Обединетото Кралство ќе се зголеми јавниот долг на земјата. Се алармира дека ако земеме заем од 2 милијарди од планираните 6 милијарди евра долгот ќе скокне за 64,7% од БДП и за тоа како ќе ги сервисираме долговите во иднина, Костова смета дека ова е многу сериозен проблем за кој голем број на експерти предупредуваат.
„Ова исто така укажува и на онаа волја која ја покажува Мицкоски и ДПМНЕ да целосно не оттргнат од европскиот пат, поради тоа што со тргањето на Македонија од ситуација во којашто би ги остварила своите последни и најважни стратегиски цели а тоа е зачленување во ЕУ кое би значело сериозна финансиска добивка затоа што би имале можност да пристапиме до неповратни европски фондови, и наместо да се оди во таа насока, Мицкоски и ДПМНЕ бараат други извори на финансирање, ја оддалечуваат Македонија од остварување на својата стратегиска цел. Ова е нотирано во Извештајот на ЕП, ова е исто така нотирано од нашите пријатели во Европа и од повеќе инстанци. Она што исто така е нотирано во Извештајот е создавањето на општествена поделба и поделба на граѓаните на патриоти и предавници, засилување на антиевропската пропаганда и дека тоа се прави преку медиуми и таблоиди на српски јазик коишто имаат значително влијание во овој регион но се значително нотирани и прибележани како медиуми кои ги пренесуваат директно ставовите на Кремљ“, вели Костова.
Околу оправданоста на загриженоста од идентитетски инженеринг, потпретседателката на СДСМ вели дека тоа е нешто на одредени структури во општеството, блиски на владејачката структура, со особено влијание и јавна поддршка за власта, што го прават со децении.
„Јас само ќе ве потсетам дека сето ова што Мицкоски го прави не е ништо ново. Многу потсетува на она што се случуваше во 2008 година и е бледа реприза на тој „пресврт“ во македонската надворешна политика. Јас ќе ве потсетам дека за тој „пресврт“ ние подоцна слушавме во бомбите дека Груевски преговарал и се пазарел со името и идентитетот заедно со Сашо Мијалков, со Антонио Милошоски, ова е од разговорите кои можевме да ги слушнеме и не е ништо ново, па дури има едни разговори со Зоран Јолевски кој вели дека Нимиц се чувствува дека е исклучен од целиот процес затоа што Груевски во тој период преговараше со underground преговарачи. Тогаш се случи тој пресврт, но ние тој пресврт го плативме многу скапо“, вели Костова.
Говорејќи околу тоа на што се должи што придавката македонски пред идентитетските обележја – јазик, народ, култура, за разлика од 2005-та па се до денес, се помалку се акцентира на извештаите на Европската комисија и во 2006-та година синтагмата македонски јазик исчезнува, потпретседателката на СДСМ Кристина Костова вели дека македонскиот јазик беше обезбеден без фусноти, без дообјаснувања преку договорот Фронтекс и преку преговарачката рамка, за кое има одобрение, прифатена е и изгласана од сите 27 земји членки на ЕУ.
„Тоа е дипломатска победа постигната од претходната влада предводена од СДСМ. На сето ова што го зборев претходно, и за идентитетски инженеринг и за оние структури поврзани со ДПМНЕ кои подгреваат анти-ЕУ сентимент, очигледно е дека постои и некаква координација на ДПМНЕ, Мицкоски и некои структури во Европскиот парламент кои предизвикуваат вакви победи кои сме ги реализирале порано сега да бидат претворени во порази.
-Ние треба да се фокусираме на деловите од Извештајот коишто ни велат дека треба час поскоро самите себе си да се оправиме и да бидеме подобри како држава, да ги спроведеме оние реформи кои од нас се бараат, не за ЕУ туку за нас, затоа што кога ќе се спроведат тие реформи на сите нас ќе ни биде подобро. Тоа се реформи во правосудството на пример. Тоа се реформите кои значат изгласување нови закони за Судски совет, за Обвинителство, но гледаме дека таквите реформи не му одговараат на ДПМНЕ, затоа што Македонија надвор не само од ЕУ туку и од евроинтегративниот процес е плодно тло за уште поголема корупција. Онаа коруптивна сага со Бојан Христовски и АНБ е таква голема дамка за Македонија воопшто но е и еклатантен и очигледен пример за корупција од која што Мицкоски колку и да сака да избега не може. Истиот обвинител кој пред неколку месеци даде позитивно мислење за ТОЕФЛ сертификатот на Бојан Христовски деновиве беше унапреден во виш обвинител. Ако тоа не е доказ за сериозна корупција, ако тоа не е доказ за спречување на институциите да си ја работат работата, тогаш немаме што понатаму да зборуваме“, вели Костова.

Говорејќи за претстојните локални избори Костова вели дека за градоначалник на Скопје ќе биде понудено најдоброто решение кое допира до сите скопјани.
На тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека од СДСМ се очајни и немаат кандидат за метрополата и никој не сака да се нафати бидејќи се свесни дека ќе доживеат уште еден изборен дебакл, Костова возвраќа дека очајни се резултатите на ДПМНЕ и Мицкоски во изминатата година како власт.
„Очајни се на секое поле. И во надворешната политика и во економијата, очајни се дури и на локално ниво. Единствено во што тие не се очајни е ширењето на пропаганда и одржување на таа ботовска мрежа која предизвикува општествени поделби, јазови, поделба помеѓу граѓанството, а тоа е тактика на владеење на којашто мораме сите ние чесни граѓани силно да се спротивставиме. Моментот е сега. Локалните избори за сите граѓани кои и мислат добро на државата се добар момент да се преиспитаат одлуките, но и да се препознае потенцијалот аз спречување на погубните политики на Мицкоски и ДПМНЕ од изминатава година дена“, вели Костова.
Потпретседателката на СДСМ не сакаше да лицитира со име за преостанатите кандидати на партијата за градоначалници и истакна дека се прават пресметки и анализи и до крајот на јули се ќе биде познато и истакна дека она што одредени анализи го покажуваат е дека не само што паѓа довербата во ДПМНЕ туку паѓа довербата и во нивните коалициони партнери.
„Она што исто така се покажува е дека на граѓаните како да им е смачено веќе од партиски препукувања кои не водат никаде. Тие јасно кажуваат дека сакаат да видат Македонија којашто е прогресивна, која ги остварила своите цели, Македонија која има функционален систем. А за да се бориме за функционален систем постојат конкретни работи и реформи кои треба да ги преземеме и спроведеме за да ни биде на сите добро, вели Кристина Костова.