Од 11 септември по улиците на Струмица, но и до околните села, за првпат ќе сообраќаат автобуси на градски превоз. Вчера градоначалникот на Струмица – Костадин Костадинов и директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Струмица транспорт“ Драги Поп-Стојанов свечено ги презедоа клучевите на автобусите од добавувачот „Аутомакедонија“.
Костадинов истакна дека Струмица никогаш немала јавен превоз, а сега не само што го добива, туку сите автобуси се електрични.
– Ќе бидеме единствен град на Балканот што има целосно електрифициран градски превоз. Нашата општина немаше јавен превоз. Воведувањето јавен превоз во општина Струмица со овие електрични автобуси носи огромни еколошки и финансиски придобивки. Во ова време на скапотија, не може да го занемариме значењето што го има градскиот превоз и затоа ова е многу важна работа за струмичани. Втора значајна работа е енормното загадување во Струмица. Ова е револуционерен и радикален чекор, да имаме целосно електрифициран градски превоз. Ова е и во согласност со Европскиот зелен договор и час поскоро ќе дојде времето кога емисијата на загадување од градскиот превоз ќе треба да се сведе на нула – рече Костадинов.
Тој објасни дека според направената студија за градски превоз во Струмица, потребни се 12, а сега се набавени 10 автобуси.
– Три автобуси ќе сообраќаат низ Струмица и граѓаните ќе имаат редовен сообраќај на 10 минути. Другите автобуси ќе го поврзуваат градот со сите села, освен некои подалечни планински – објасни Костадинов.
Тој рече дека картата во еден правец ќе биде 30 денари, но и дека ќе има месечни билети, како и бесплатни денови за пензионери. Во првиот месец, од 11 септември, кога ќе биде тест-период за самите автобуси, превозот ќе биде бесплатен.