Костадинов и Зајкова не му дадоа поддршка на министерот Тупанчески

Потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, и претседателката на ЛДП вечерва дадоа резервирани изјави во дебатниот магазин „24 Анализа“ на тв24 околу можноста да биде променет министерот за правда Никола Тупанчески.

„Можам да имам лични перцепции, најбитно е сите министри во своите ресори да бидеме на висина на задачата и да се работи исклучиво во инетерес на граѓаните. Не сме сите компетентни да го даваме своето мислење, а најдобро мислење на крајот го дава јавноста за тоа кој најдобро се грижи за нивните интереси“, рече Костадинов.

Поконкретна во својот коментар беше Зајкова, која порача дека се очекува повеќе во делот на реформите во кои ќе се бара одговорност од судииите.

„Реформите во правосудниот систем не се на некое завидно ниво, а со мали чекори можевме да ги направиме. Не навлегувам во персонални решенија, но ресорот како ресор има многу работа и има многу што да се работи – од Судскиот совет, судската администрација, одговорност на судии итн. Да детектираме кои се тие судии и обвинители кои се подложни на корупција и не си ја вршат својата работа“ – порача Зајкова.

Сепак, министерот за правда Никола Тупанчески и министерот за образование Јетон Шаќири рекоа дека не се информирани дали ќе останат на позициите што ги водат, или ќе бидат сменети по евентуалниот влез на Алијанса во Владата. Тупанчески вели дека брзата смена на министри не ги решава проблемите.