Костадинов остана воздржан на прашањето како да се толкува оставката на Ковачевски, генералниот директор на ЕСМ во Трилинг.
,,Промените се навистина нормална и честа појава.Најдобро за конкретниот случај, информации и одговор може да даде Ковачевски” – изјави Костадинов во најновото издание на Трилинг.
Николовски напротив, возврати со одговорот дека ова е потврда дека се води екстремно лоша политика во енергетиката.
,,Екстремно лоша политика во енергетиката каде што многу се потфрла и каде што Македонија непотребно потроши стотици милиони евра во изминативе години. Но не мислам дека оставката е резултат на признание на неспособност, повеќе мислам дека е резултат на внатрепартиски клановски битки помеѓу старото и новото раководство на СДСМ,, – истакна Николовски.
Костадинов и Николовски говореа и околу барањето за разрешување на вицепремиерот Груби од позицијата координатор на капиталниот проект околу изградбата на патиштата.
,,На одредени теми одредени партиски структури со одредени изјави едноставно во дневното политиканство и политика сосема очекувани се такви изјави. Мојот коментар е дека надлежните институции и системот на оваа држава голем дел од тие обвинувања треба да провери” – вели Костадинов.
,,Знаете дека ВМРО ДПМНЕ во изминативе скоро месец дена изнесе бројни сознанија поврзани со скандалозниот избор на надзор за еден вака значаен проект како што е изградбата на автопати во Македонија, автопати во Македонија треба да се градат и мора, но начинот на избор на надзор каде што главните изведувачи се компании за производство на долна облека доволно кажува која е несериозноста” – вели Николовски.