
Костадиновски: Никој нема да го чепне албанскиот јазик
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, говорејќи за предметот што пред Уставниот суд се води за Законот за употреба на јазиците, оцени дека во јавноста неосновано се создаваат стравови и политички тензии. Тој порача дека Судот нема намера да ограничува права, туку, напротив, да придонесе тие да бидат заштитени и унапредени.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, говорејќи за предметот што пред Уставниот суд се води за Законот за употреба на јазиците, оцени дека во јавноста неосновано се создаваат стравови и политички тензии. Тој порача дека Судот нема намера да ограничува права, туку, напротив, да придонесе тие да бидат заштитени и унапредени.
„Сакам да упатам еден апел бидејќи гледам премногу се манипулира со ова прашање. Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Уставниот суд постои за да помогне во уставно-загарантираните права дали се јазични, дали се соодветна правична застапеност, да бидат заштитени а не да ги укине. Тие се уставна категорија така да не ги прифаќам никако тие квалификации дека некој сака да го укине да ја намали употребата или да го загрози албанскиот јазик апсолутно се неточни“, рече Костадиновски.
Тој додаде дека одлуките на Судот, доколку бидат донесени, би имале за цел да ја олеснат практичната примена на правата, а не да ја ограничат употребата на албанскиот јазик.
Осврнувајќи се на мислењето на Венецијанската комисија, претседателот на Уставниот суд рече дека тоа не треба да се толкува селективно, бидејќи, како што наведе, содржи и позитивни оценки и забелешки. Според него, Комисијата констатирала дека законот од 2018 година значително ја проширува употребата на албанскиот јазик во споредба со решението од 2008 година, но истовремено укажала и дека во одредени области се отишло предалеку.
Една од централните теми во интервјуто беше и одлуката на Уставниот суд со која беа поништени измените за намалување на коефициентите за плати на судиите. Костадиновски изјави дека таквото законско решение директно ја засега независноста на судската власт, која, според него, ужива силни уставни гаранции.
„Судската власт како посебна власт во нашиот уставен поредок ужива најсилни можни гаранции за сопствената независност и самостојност… Уставниот суд оцени дека се повредени самостојноста и независноста бидејќи ние независноста и самостојноста на судската власт ја гледаме во суштина целосно, материјалната независност е составен и нераскинлив дел од статусната независност на судовите“, рече тој.
Костадиновски посочи и на, како што рече, бројни меѓународни стандарди, меѓу кои Европската повелба за судиите и ставовите на Венецијанската комисија, кои упатуваат дека платите на судиите не треба да се намалуваат ниту во услови на криза, токму поради гарантирањето на нивната независност. Воедно, тој оцени дека во услови на историски ниска доверба во правосудниот систем, независноста на судската власт мора да биде заштитена, но и дека таа власт треба да испорачува резултати.
Во однос на платите на јавните обвинители, Костадиновски објасни дека прашањето сè уште не е затворено. Според него, за ова прашање е поведена постапка, но не било обезбедено потребното мнозинство за донесување конечна одлука.
Тој се осврна и на Законот за намалување на коефициентите за именувани лица и функционери, при што рече дека проблемот не е само во коефициентите, туку и во тоа што уставните судии нормативно биле третирани заедно со носители на функции од законодавната и извршната власт. Според него, во ниту една држава каде што постои уставен суд, платата на уставен судија не е пониска од платата на врховен судија.
Говорејќи за Колективниот договор за култура, претседателот на Уставниот суд рече дека Судот повел постапка за договорот во целина, бидејќи при анализата биле утврдени повеќе одредби за кои постои сомнеж дека може да бидат уставно спорни, а не само поединечни членови.
„Тоа значи дека Уставниот суд изразил сомнеж за уставноста за целиот колективен договор… кога ние правевме анализа кога видовме колку одредби уставно можат да се доведат под сомнеж колективниот договор за целиот да поведеме постапка“, рече тој.