Потврда и силен поттик за унапредувањето и за продлабочување на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји, во сите области од заемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и особено во делот на туризмот, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на отворањето на Конзулатот на Република Србија во Охрид.
Костадиновска-Стојчевска најави дека наскоро се очекува да биде потпишана и новата Програма за културна соработка, која значајно ќе ја збогати презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.
– Светла иднина нашите две држави имаат и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ каде што имаме можности за заедничка соработка. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали, рече министерката.
Ставот на Владата е конзистентен, а тоа е дека за јазикот, идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен, изјави денеска во Охрид министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Она што јас можам да ви го кажам, не сакам да коментирам ставови на други држави. Но, сакам да го искоментирам на Република Северна Македонија, дека за јазикот, идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен. Јас бев дел од владината делегација која што присуствуваше на Првата меѓувладина конференција и ми беше особено драго што цел ден таму и на Меѓувладината конференција и на првиот дел од скрининг процесот јас присуствував и зборував на македонски јазик. Имаше преведувачи коишто не преведуваа за да можат да разберат и евроамбасадорот Гир и сите присутни внатре бидејќи бевме заедно со делегацијата од Република Албанија. Нашиот став е конзистентен, ист и тоа е дека за јазикот не преговараме, дека нашиот јазик е чист. Во преговарачката рамка нема фусноти, нема никакви додавки. Македонскиот јазик е македонски јазик којшто е кодифициран во 1945 година, рече на новинарско прашање за оспорувањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија министерката Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето на почесниот конзулат на Србија во Охрид.