„Мојот наследник, Министер за култура и туризам, господин Љутков е една исклучителна личност, професионалец во она што го работи и јас можам да му посакам само среќа. Поразговаравме за затекнатите проекти во Министерството за култура, кои грешки ги направивме и кои правилни чекори ги презедовме во овие две и пол години. Поразговаравме за состојбите, за законските решенија што се наоѓаат во Влада и во Собрание. За кои законски решенија ќе треба да поработиме заедно бидејќи јас сега во Собранието сум член на Комисијата за култура и туризам, односно Собраниска комисија“ рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Таа додаде дека договориле соработка за унапредување на состојбата во културата по двете пандемиски години.
Костадиновска-Стојчевска исто така додаде дека станала министерка после две тешки пандемиски години и смета дека со нејзиниот тим и со вработените во министерството и со културните установи го дале максимумот.
„Во тој период министерка беше г-ѓата Ирена Стефоска којашто не можеше да направи ништо освен да го распредели Буџетот. После тие две пандемиски години дојдов како министер и сметам дека со мојот тим и со вработените во министерството и со културните установи го дадовме максимумот и сметам дека добрите практики министерот ќе ги продолжи понатаму“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.