Костадиновска-Стојчевска: Арсовска три месеци не ни одговара за состојбата на Универзална сала

„Ние, како Министерство за култура, побаравме да ги преземеме ингеренциите за реконструкција на Универзална сала, но за да се запази процедурата, чекаме Град Скопје да ни каже каква е моменталната состојба. Три месеци немаме никаков одогвор од градоначалничката Данела Арсовска“ истакна министерката за култура Костадиновска Стојчевска на Сител ТВ.

Таа вели дека одржала состанок со Арсовска која се согласила инвеститор на проектот да биде впишано Министерството за култура, а по изградбата ингеренциите за Универзална сала да се вратат на Град Скопје.

„Градоначалничката, согласно процедурата, сега треба да ни даде извештај за состојбата, што е направено, бидејќи таму нешто се изведувало, треба да знаеме до каде е ситгнато. Зошто три месеци немаме потврден одговор, не знам“ вели Костадиновска Стојчевска.

Смета дека Скопје е во потесна конкуренција за да биде Европска престолнина на културата во 2028 година и токму Универзалната сала е институцијата која аплицира.

„Ќе се обратам и повторно ќе ја повикам на средба на градоначаничката, за да помогнеме и во изработката на програмата за 2028, да бидеме поконкурентни. Но апелирам и до неа и до Советот на Град Скопје, да го разгледаат барање и да ни излезат во пресрет“ рече Костадиновска Стојчевска.

Таа кажа дека парите за реконструкција на Универзална сала стојат на сметка и дека се направени сите проверки за кои имаше забелешки Арсовска.