Косовското обвинителство поднесе обвинение против 21 лице за присилно протерување на Албанци во 1998–99 година

Тој посочи дека обвинетите биле свесни дека силите под нивна команда спроведувале координирана акција на уништување имот, палење куќи, прогони и произволни апсења врз етничка основа, како и вооружени напади врз населени места со албанско население, со цел присилно раселување во рамките на тогашните административни граници на Косово.

Специјалното обвинителство на Косово денеска подигна обвинение против 21 лице, осомничени за присилно протерување на над 800.000 албански цивили од Косово за време на конфликтот во 1998–1999 година.

Обвинителот Атде Дема на прес-конференција во Приштина изјави дека по повеќегодишна интензивна истрага е поднесено обвинение во отсуство против „повеќе лица кои имале командна улога во тогашната југословенска војска и српската полиција“.

Според Дема, „доказите потврдуваат вмешаност на обвинетите во протерување и малтретирање на албанското цивилно население за време на војната“.

– Овие дејствија се дел од широка кампања што резултираше со присилно раселување на 863.000 албански цивили, според официјалните статистики, рече обвинителот.