Косовската јавна радиотелевизија предупредува на финансиски колапс поради политичката криза

„Косовската радио и телевизија се соочува со финансиски колапс поради нераспределениот буџет за втората половина од 2025 година, што го загрозува редовното функционирање на медиумот, работата на стотици вработени и нејзината јавна мисија загарантирана со Уставот“, се наведува во обраќањето на синдикатот.

Синдикатот на вработените во Косовската радио и телевизија (СПЕРТК) ги информираше странските амбасади во Косово, како и Европската федерација на новинари, за опасноста од финансиски колапс на јавниот сервис поради тековната политичка криза во земјата, објави денеска самата медиумска куќа.

„Косовската радио и телевизија се соочува со финансиски колапс поради нераспределениот буџет за втората половина од 2025 година, што го загрозува редовното функционирање на медиумот, работата на стотици вработени и нејзината јавна мисија загарантирана со Уставот“, се наведува во обраќањето на синдикатот.

Синдикатот ги повика другите медиуми, институциите во земјата и пошироката јавност да се обединат „во име на јавниот радио и телевизиски сервис“.

Во врска со повикот на синдикатот, Здружението на новинари на Косово изјави дека „новинарите, снимателите и другите вработени во Косовската радио и телевизија мора да имаат можност да си ја вршат својата работа на начин што не е попречуван од политички или финансиски притисоци“.

Политичката криза во Косово трае веќе неколку месеци, бидејќи ниту една од партиите во косовскиот парламент не располага со неопходното мнозинство од 61 глас, што е предуслов и за номинирање премиер и за формирање нова влада.

Од парламентарните избори што се одржаа на 9 февруари годинава, до денес косовскиот парламент одржа вкупно 50 седници во обид да избере претседател на парламентот и да се конституира како законодавен орган.

На 26 јуни, Уставниот суд на Косово донесе одлука со која ги обврзува пратениците да го конституираат парламентот во рок од 30 дена, бидејќи непочитувањето на тој рок би претставувало повреда на јавниот и уставниот поредок.

Денеска во Приштина треба да се одржи 51-то продолжение на конститутивната седница на парламентот.