Косовската полиција пред српските институции на северот на Косово – граѓани се обиделе да влезат во канцелариите, но не им било дозволено

Косовската полиција се уште е пред српските институции на северот на Косово и Метохија, каде се поставени импровизирани табли на косовските институции.

Кордонот на италијанските карабинери се повлече од мостот на Ибар во Косовска Митровица, но на приодот до мостот, како и досега, остануваат неколку карабинери со две оклопни и две теренски возила.

Дописникот на Euronews Србија јавува дека Србите во Косовска Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се собрале пред зградите на институциите во кои се вработени, а еден од работниците кој разговарал за медиумите изјавил дека не дошле на протести, туку дека дошле на работа.

Граѓаните имале краток разговор со припадници на косовската полиција, побарале да влезат во нивните канцеларии, но им било кажано дека не можат да ја преминат жолтата лента бидејќи внатре се наоѓаат косовски институции.

Сега пред сите згради каде што беа српските институции има припадници на косовската полиција, но утрово немаше никакви инциденти. Имаше обраќања од работници кои се загрижени за својата иднина.

Очекуваат дека српската држава нема да ги остави без плата, но посочуваат дека тогаш немаат обврска да доаѓаат на работа и дека не се знае што понатаму под нападот на владата на Албин Курти. Луѓето се загрижени за безбедноста, јавува дописникот на Euronews од Србија.

Денеска е и првиот училишен ден, а српските ученици седнаа во клупите и јужно и северно од Ибар. Бројот на ученици не е драстично променет, има околу 15.000 основци, средно и предучилишна возраст кои наставата ја следат по српски систем.

Сепак, родителите се загрижени за безбедноста на нивните деца и стравуваат дека косовската влада и полиција може да преземат мерки во училиштата и здравствените институции.

Дополнително, проблем има и со испораката на учебниците поради забраната за увоз на српска стока и затворањето на поштата.