Полицијата на Косово соопшти дека денеска открила плантажа со околу 20 илјади стебла од растението канабис во граничниот појас меѓу Косово и Албанија.
Според соопштението на косовската полиција, во соработка со Полицијата на Албанија претходно е идентификувана плантажата во близина на селото Кошаре, внатре на територијата на Косово.
Плантажата засадена со наркотичните растенија е во големина од околу еден хектар.
– Полициски службеници денес уште во 1.30 часот започнаа со спроведување на оперативно-тактичкиот план. Во 03:00 часот полициските единици беа на местото каде што се засасдени наркотичните растенија (канабис). На граничниот појас меѓу Република Косово и Република Албанија, во Кошаре, во близина на Пирамидата Ц4, на територијата на Република Косово, најдени се околу 20 илјади садници, за кои се сомнева дека се канабис, се вели во соопштението.
Расветлувањето на случајот ќе продолжи во координација со единиците за анти-дрога и надлежните судски органи, соопшти полицијата.