Владата на Косово демантира дека веста за престанок на мандатот на американскиот емисар за Западен Балкан, Габриел Ескобар потекнува од неа.
Одговорот на косовската влада, даден за радиото Глас на Америка, уследи откако самиот Ескобар денеска изјави дека одредени дезинформации за него се појавиле набргу откако тој комуницирал со Владата на Косово, за да разговара за неговиот премин на друга задача во американскиот Стејт департментот по завршувањето на неговиот актуелен мандат.
-Немаме никаков контакт со дотичниот новинар, со кој не делиме став за неговите тврдења за емисарот Ескобар, се вели во владиниот одговор, откако Ескобар изјави дека написите за неговото „разрешување“ се „дезинформации“ произведени од извесен „таканаречен новинар“.
Извештаите, појасни американскиот емисар, уследиле откако тој контактирал со владите во регионот за да разговараат за неговото префрлање на друга работа во Стејт Департментот по завршувањето на неговиот мандат.
-Овој извештај излезе набргу откако комуницирав со владата на Косово… Сакам директно да кажам дека сé во тој извештај е лага и докажлива лага, рече Ескобар.
Во одговорот што пред неколку дена го даде американскиот Стејт департмент за приштинскиот медиум “Газета експрес“ беше потврдено дека заменикот државен секретар и емисар за Западен Балкан, Ескобар, кој три години работеше како дипломат од кариера во Службата за надворешни работи, се очекува да преземе нова функција во наредните недели.
Стејт департментот ги негира тврдењата објавени на една веб-страница, квалификувајќи ги како лажни, и потврди дека Ескобар не бил разрешен од функцијата, туку едноставно, „како и сите функционери од кариера кои се дел од Службата за надворешни работи, ќе ја смени својата функција по пат на ротација, на секои четири години, како редовна практика“.