Косово поддржува меѓународна истрага за „Диво Насеље“

„Косово ќе даде целосна поддршка во случај на меѓународна истрага и вклучување на надворешни експерти за да се откријат сите околности кои што се однесуваат на случајот „Диво Насеље“. Ова денеска го изјави косовската претседателка – Вјоса Османи. Таа рече дека треба да се почека да заврши процесот за „Диво Насеље“, кој моментално е пред Врховниот суд во Северна Македонија.

Се работи за случајот кој е отворен по вооружената престрелка во мај 2015 година во кумановската населба Диво Насеље, во која животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 членови на вооружената група. Повеќето од осудените за случајот се косовски државјани.

Пред една недела беше најавено дека во Македонија ќе дојде косовскиот заменик министер за правда Блерим Салаху, кој требаше да го посети затворот „Идризово“ и да се сретне со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“.

Сепак, македонските власти негираа дека тој ќе се сретне со осудените, а посетата беше одложена.