Потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за одбрана Рашко Коњевиќ при посетата на Приштина изјави дека неговата земја ќе го поддржи Косово во нејзините напори да стане дел од регионалните иницијативи на полето на одбраната.
Коњевиќ и црногорската делегација беа пречекани со воена церемонија од косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај, по што беше одржана средба меѓу двајцата министри, а потоа и двете делегации. Министрите го потпишаа Меморандумот за соработка во областа на одбраната.
Мехај во своето обраќање пред медиумите истакна дека Меморандумот за соработка со Црна Гора во областа на одбраната е важен за мирот и стабилноста во регионот.
„Со овој договор ја прошируваме соработката на полето на одбраната онолку колку што е неопходно во однос на безбедноста, стабилноста, демократијата меѓу нашите две земји, но и за доброто на целиот регион. Соработката ќе се прошири и на размена на професионални искуства во врска со нашиот академски и специјалистички кадар до ангажман со взаемна поддршка на оперативните капацитети во случај на вонредни ситуации“, нагласи косовскиот министер.
Мехај посочи дека помошта на Црна Гора на евроатлантскиот пат е значајна за Косово, особено за членството во НАТО и регионалните иницијативи.
Коњевиќ рече дека Црна Гора и Косово имаат добри политички односи откако Црна Гора воспостави дипломатски односи со Косово во 2008 година и дека денеска е можност да се потпише меморандум за соработка во областа на одбраната. Тој посочи дека Црна Гора може да биде корисна за Косово во одбранбените реформи, бидејќи сето тоа го помина пред да влезе во НАТО во 2017 година.