Косово го исполни ветувањето – го тргна знакот НМК од патните знаци

По сторијата на „360 Степени“ дека на стариот пат Приштина-Скопје соседно Косово погрешно ја користи ознаката „НМК“ на патните знаци за земјава, истите се сменети и сега на тие табли стои ознаката МК.

По сторијата на „360 Степени“ дека на стариот пат Приштина-Скопје соседно Косово погрешно ја користи ознаката „НМК“ на патните знаци за земјава, истите се сменети и сега на тие табли стои ознаката МК. Фотографиите ги испрати Ќамил Фека, директор на одделот за патишта при Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово.

Кога од „360 Степени“ се обратија до домашното Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, ги известиле дека по добиените информации за употреба на погрешен меѓународен код за нашата држава на вертикалната патна сигнализација оствариле средба со амбасадорот на Република Косово во нашата земја.

„Од косовската страна е добиено уверување дека станува збор за ненамерен пропуст на службите задолжени за поставување патна сигнализација и дека пропустот ќе биде најитно коригиран“, рекоа од МНР (8 декември, 2025).

Случајот со таблите со погрешна меѓународна ознака за земјава е втор ваков случај во соседството. НМК, наместо МК стои на таблите на автопатот од Белград кон Скопје, во соседна Србија. Така е веќе подолго од две години.

Кога последен пат „360 Степени“ известуваше на темата, не добија став од српските власти, додека од македонското МНР им одговорија дека добиле одговор од српската страна дека станува збор за ненамерен пропуст на службите задолжени за поставување на патна сигнализација со уверување дека пропустот ќе биде коригиран во најскоро време.

„Веруваме дека соседна Србија, со која нашата држава негува одлични билатерални односи, ќе постапи по нашето барање, упатено во повеќе наврати од 2023 година наваму“, рекоа од МНР (ноември 2025 година).

Во јуни 2018 година, во Преспа, беше потпишан договорот со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу официјално Скопје и Атина. Главното беше што земјава прифати да го користи името Северна Македонија и дома и надвор, додека Грција ја призна придавката „македонски“ за јазикот и народот. Не беше најважно, но дел од договорот беа и употребата на меѓународните ознаки и кодови. Во членот 1, став 3-д, земјава направи отстапка за ознаката на регистарските таблички на возилата да се користи НМК, а Грција се согласи со дотогашниот код за Македонија во сите други случаи – МК и НМК.