„Корупцијата цвета“ – реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на ставањето на Јакимовски и Јанева на американската црна листа

Железната тупаница на СДСМ со која се фалеа дека ќе донесе правда, Катица Јанева денеска е прогласена за непожелна личност во САД, поради криминал и корупција. Јанева која за СДСМ беше синоним за правда, од денеска се наоѓа на црната листа на нашиот стратешки партнер САД, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, велат, даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици.

„Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша. Ковачевски само со такви корумпирани лица може да биде во коалиција“, истакнаа оттаму.

ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ставањето на црната листа на Јанева и Јакимовски и нивните семејства го потврдува она кое што ВМРО-ДПМНЕ изминатите 7 години јавно го говори, а тоа е дека „институциите во Македонија наместо да функционираат во интерес на граѓаните, тие ги штитат криминалците“.

Ставањето на црната листа на поранешната обвинителка Катица Јанева и Стевчо Јакимовски од ГРОМ покажува дека корупцијата цвета во Македонија, додаваат од партијата на Мицкоски.