Корупцијата, правната несигурност, недостаток на работна сила – Странските инвеститори ги истакнаа најголемите проблеми

Доколу сега би носеле одлука за инвестирање во Македонија за прв пат, тоа би го сториле само 43 отсто од странските инвеститори кои се веќе присутни во земјава. Ова го покажува анкетата спроведена меѓу странските инвеститори во Македонија, од страна на Советот на странски инвеститори.

Странските инвеститори како најголеми и најчести тешкотии ги навеле недостатокот на работна сила, корупцијата, правната несигурност, честото менување на бизнис регулативата и владеењето на правото.

Како најголеми предности пак, наведени се ниските даноци и поволната деловна клима, информира претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

87 проценти од анкетираните странски компании во Македонија информирале дека годинава ја зголемиле платата на вработените. Странските инвеститори во моментов имаат вработено 38.000 македонски граѓани, а во годинава што изминува направиле обрт од 7,7 милијарди евра.

Само 10 проценти од странските инвеститори во Македонија се задоволни од инфраструктурата, половина се делумно, а 37 отсто се незадоволни. Резултатите од анкетата ќе бидат основа за предлагање на мерки и препораки за подобрување на климата за водење бизнис и инвестирање во Македонија.