
Белгиското Јавно обвинителство спроведува истрага под сомнеж дека лобисти на кинеската компанија „Хуавеј“ подмитиле околу 15 европратеници, објави бриселскиот весник „Соар“.
Според извори во Јавното обвинителство, по неколкумесечна истрага приведени се неколкумина лобисти на „Хуавеј“, а рано изутринава стотина припадници на белгиската федерална полиција извршиле претреси на 21 локација ширум Белгија. Дополнително, како дел од истрагата, претрес бил извршен и во Португалија.
Весникот посочува дека полицијата претресувала домови и канцеларии на лица, кои работеле или се уште работат како лобисти на кинеската телекомуникациска компанија.
Приведените лобисти се сомничат дека подмитувале актуелни, но и поранешни европратеници, со цел да ја промовираат и да работат во интерес на трговската политика на „Хуавеј“ во Европската Унија. Против нив би можеле да бидат покренати обвиненија за „корупција“, „фалсификување документи и нивна употреба“, „перење пари“ и „криминално здружување“.
Истрагата, под кодно име „Генерација“, до сега се водела тајно и со неа биле запознати само неколкумина судии и службеници, а таа дури не била заведена ниту во белгиската полициска база на податоци.
Според „Соар“, главен осомничен во оваа истрага е 41-годишниот Валерио Отати, кој од 2019 година е директор за односи со јавноста во претставништвото на „Хуавеј“ во Европската Унија. Пред тоа, Отати десет години работел како асистент на двајца поранешни италијански европратеници, едниот од редовите на Европската народна партија (ЕПП), а вториот од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Извори од Обвинителството посочиле дека истрагата го сомничи Отати дека ги користел своите врски за да организира „многу состаноци со европратеници“ и „настани на кои канел многу луѓе“. Обвинителството се сомнева дека овие „настани“ бил дел од активностите за давање поткуп на европратениците, кој, меѓу другото, вклучувал и скапи подароци, како смартфони на „Хуавеј“ или билети за фудбалски натпревари.
– Се претпоставува дека оваа корупцијата била практикувана редовно и многу дискретно од 2021 година, па се до денес, под маската на комерцијално лобирање и во различни форми, како надоместоци за учество на политички настани или за храна и патни трошоци, а редовно имало и билети за фудбалски натпревари, изјавил извор од белгиското Федералното обвинителство.
Обвинителството се сомнева дека трансферите на средства за европратениците биле вршени преку португалска компанија, чие седиште било предмет на денешниот претрес.
Според истрага, исплатата на средства била во форма на надоместоци за трошоци на учество на конференции и таа била вршена преку различни посредници, со цел „да се прикрие нејзината недозволена природа или да им се овозможи на сторителите да ги избегнат последиците од нивните постапки“, па врз основа на овие сознанија се истражува и кривичното дело „перење пари“.
Правилата на Европскиот парламент им налагаат на европратениците да го пријават секој подарок што го примиле од трети лица, а чија вредност е над 150 евра.
„Соар“ посочува дека на листата на оние кои примале поткуп од „Хуавеј“ се 15-тина европратеници, но дека засега ниту еден од нив не е предмет на истрагата. Сепак, не е исклучено во следниот период белгиското Обвинителство да побара укинување на пратеничките имунитети на неколкумина европратеници, посочува весникот.
Ова е нова афера со примање поткуп во Европскиот парламент, по „Катаргејт“ од пред две години, во која тројца, во тоа време актуелни, европратеници се обвинети за „корупција“, „перење пари“ и „организиран криминал“ и се под сомнеж дека биле „под влијание на владите на Катар, Мароко и Мавританија“. Еден поранешен европратеник веќе се изјасни за виновен по сите обвинувања, во замена за договор за поблага казна и обелоденување на идентитетите на оние кои биле вклучени во заговорот за поткупување.