Корубин: Верувам дека Силјановска Давкова е свесна дека го прекрши Уставот, а Преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка

„Нема дилема дека новата претседателка Гордана Силјановска Давкова го прекрши Уставот и Преспанскиот договор кој е постигнат со посредство на ОН и е стратешки договор за конечно решавање на проблемот со Грција. Кршењето на сопствениот Устав нас треба да не загрижи, а особено неможноста на нејзините поддржувачи да се носат со последиците“.

Ова во гостување на ТВ24 го изјави поранешната пратеничка Никица Корубин.

– Заклетвата се состои од усмен и пишан дел и тие треба да се совпаѓаат. Мислам дека е во право министерот за правда Кренар Лога кога вели дека заклетвата е ништовна и дека треба да се повтори – вели Корубин.

Таа потенцира дека името Северна Македонија е ерга омнес, значи се применува и за домашна и надворешна употреба и стапи на сила во истиот момент кога беше променет и затворен Уставот без оглед дали некои закони се уште не се усогласени.

– Верувам дека госпоѓа Давкова е свесна дека го прекрши Уставот, а Преспанскиот договор исто така е и дел од преговарачката рамка. Претседателката сака да порача дека е дозволиво континуирано да се крши Уставот во највисокиот законодавен дом. Која е намерата? Дали е тоа игра на добриот и лошиот. Дали некој ќе биде патриотот а некој ќе биде пофлексибилен? Дали со ова Силјановска Давкова му ја олеснува или отежнува работата на Мицкоски? – вели Корубин.

Таа смета дека „со толерирање на неупотребата на уставното име постапуваат двојно и испраќаат различни пораки загрозувајќи го статусот на државата“.

– Грција изгреагира но не толку бурно затоа што оставаат простор. Преспанскиот договор не е само билатерален договор туку ја дефинира државата и нејзиниото постоење во меѓународниот поредок. Опасн е релативизирањето со изјавите дека тој ќе се ревидира. Грција сега очекува да види како ќе постапи извршната власт и дали ќе се освестат. Проблематизирањето на сите договори практично значи блокирање на европскиот пат на државата – вели Корубин.