Коринтскиот канал од сабота повторно отворен за пловидба

Од 2021 година се изведуваат работи за зајакнување на безбедноста и стабилноста на падините на каналот и затоа во текот на зимскиот период е затворен, а целокупната работа се очекува да биде завршена до јануари 2026 година.

Коринтскиот канал што го одвојува Пелопонез од континентална Грција, од сабота 8 март одново ќе биде отворен за пловидба во пресрет на туристичка сезона, а повторно ќе биде затворен на 2 ноември годинава, соопштија од надлежната компанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 2021 година се изведуваат работи за зајакнување на безбедноста и стабилноста на падините на каналот и затоа во текот на зимскиот период е затворен, а целокупната работа се очекува да биде завршена до јануари 2026 година.

Коринтскиот канал, изграден во периодот од 1880 до 1893 година го поврзува Коринтскиот Залив во Јонското Море со Саронскиот залив во Егејското Море и го одвојува Пелопонез од континенталниот дел на Грција.

Вкупната должина на Коринтскиот канал е 6.343 метри, длабочината е осум метри, максималната безбедна ширина за пловидба е 24,6 метри на површината на морето и 21 метар на дното, додека, пак, максималната безбедна висина за пловидба е ограничена на 52 метри поради мостовите над каналот.