
Конфликтот во Газа резултираше со меѓушведска „физичка пресметка“ во Европарламентот
Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас се прелеа и во кулоарите на Европскиот парламент, каде дошло до „физичка пресметка“ меѓу европратеничка и парламентарна службеничка, и двете од Шведска, поврзана со случувањата во Појасот Газа, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас се прелеа и во кулоарите на Европскиот парламент, каде дошло до „физичка пресметка“ меѓу европратеничка и парламентарна службеничка, и двете од Шведска, поврзана со случувањата во Појасот Газа, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според извори во ЕП, инцидентот се случил кога службеничката наводно и дофрлила на европратеничката забелешки околу нејзините ставови поврзани со Блискиот Исток, која на тоа возвратила со свои коментари. Состојбата ескалирала, кога службеничката се обидела да го сними нивниот „дијалог“ со својот мобилен телефон, при што дошло до физички контакт.
Како што јави шведската агенција ТТ, која како и МИА е дел од Европската новинска редакција (ЕНР), станува збор за европратеничката Алис Теодореску Мове и службеничка Швеѓанка со блискоисточно потекло вработена во канцеларијата на Левичарската партија (В).
Теодореску Мове, која е членка на шведската конзервативна партија Христијански демократи (КД), неодамна го привлече вниманието на јавноста со нејзината силна поддршка на Израел, порачувајќи дека предуслов за добивање на државјанство на Шведска треба да биде признавањето на израелската држава.
Нејзиниот кабинет соопшти дека таа била „жртва на напад“ и дека сите поинакви тврдења се „неосновани“.
Според генералната секретарка на КД, Лиза-Марија Норлин, Теодореску Мове била нападната додека одела на состанок без да провоцира и се соочила со „заканувачки обвинувања“.
– Ситуацијата била исклучително непријатна за Алис, наведе Норлин во објава на Икс, додавајќи дека по инцидентот Теодореску Мове побарала „заштита од Европскиот парламент“.
На инцидентот реагираше и шведската Левичарска партија, обвинувајќи ја европратеничката за „напад“.
– Мојата колешка влезе во мојата канцеларија во состојба на шок и ми покажа траги на раката. Се покажа дека шведската пратеничка едноставно физички ја нападнала мојата колешка, изјави секретарката на Левичарската партија, Мари Антман за ТТ.
Според истите извори, и двете шведски партии поднеле одвоени пријави за случајот до полицијата.
Во врска со настанот, портпарол на Европскиот парламент информира дека тој се разгледува „како приоритетно прашање“, нагласувајќи дека институцијата има „политика на нулта толеранција кон насилството во неговите простории“.
Случајот бил регистриран од надзорните камери и според извори од ЕП, првичната проценка на снимките „ја потврдува верзијата на европратеничката за настанот“.