
Со одлука на Владата, во декември 2023 година одвоени се четири милиони евра за дополнителни пет градинки во скопските општини кои имаат најголем проблем со капацитетите во градинките. Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска најави дека започнуваат со градба на градинки во Карпош, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Кисела Вода за да обезбедат и децата од овие општини да се вклучат во предучилишно образовани.
Во своето обраќање на конференцијата „Година на европски можности“, Тренчевска најави дека за оваа година предвидено е отворање на 14 нови објекти на детски градинки со цел да се зголеми бројот на деца кои се опфатени во предучилишното образование.
Во 2024 година завршуваме и отвораме нови 14 градинки, што значи зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за дополнително 1653 деца. Тоа е она кога вашата визија е инвестирање во човечки капитал, овозможување на еднаков пристап на секое дете до предучилишно образование без разлика дали живее во урбана или рурална средина. Она што е најважно за првпат се отвораат детски градинки во руралните средини, порача Тренчевска.
Покрај вложување во детски градинки, во изминатиот период, Тренчевска посочи дека сериозно работеле и на подобрување на детските права и правата на децата со попреченост.
Во 2023 година имавме усогласување на правата за попреченост за 14,2 проценти и од јануари 2024 година дополнително усогласување за 9,3 проценти, за помалку од една година ние обезбедивме покачување на овие права за над 24 проценти. Тоа е дополнителен приход за семејствата кои имаат деца со попреченост. Ја намаливме и границата за лична асистенција за лицата со попреченост, од шестгодишна до 65-годишна возраст тоа е исто така поддршка на семејствата, посочи Тренчевска.
Таа како вид на зголемена поддршка ги издвои и личните асистенти за лица со попреченост кои се на располагање секој ден 80 часа во месецот.