Контра ставови и обвинувања на општиот претрес за ребалансот, седницата продолжува утре

Пратениците од власта и опозицијата во попладневниот дел од денешната собраниска седница продолжија да ги спротивставуваат ставовите околу ребалансот на Буџетот, но изнесоа и низа обвинувања едни кон други.

СДСМ повтори дека ребалансот е насочен кон справување со економската криза, дека ќе овозможи продолжување на сите мерки за поддршка, посебно за најранливите категории граѓани, како и дека предвидува кратење на непродуктивните трошења, во што ВМРО-ДПМНЕ не препозна „здрава дебата“, како што рече еден од нејзините пратеници, туку повторување на експозето на министерот за финансии.

  • Ребалансот докажува дека оваа Влада носи мерки и политики за заштита на граѓаните, соодветен е и навремен во однос на глобалните текови и случувања и со него се предвидени средства за заздравување на економијата. Со него се намалуваат и сите непродуктивни трошења што покажува дека Владата ги лоцира сите средства во човечкиот капитал. Со ребалансот се предвидува и раст на бројот на вработени од 1,6 проценти што ќе резултира со намалена стапка на невработеност од 14,5 проценти, истакна Дарко Каевски од СДСМ кој ги повика пратениците да го изгласаат ребалансот и со тоа да им помогнат на граѓаните полесно да ги надминат последиците од кризата.

На тоа реплицираше Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, барајќи одговор на прашањата колкава е инфлацијата во моментов, колкав е јавниот долг, колку ќе поскапи струјата и за колку е поскапена откако е СДСМ на власт, дали цените на храната се пораснати, дали платите ја губат борбата со инфлацијата, колкав е процентот на реализација на капиталните инвестиции и колку изнесува синдикалната кошничка.

  • Ова е буџет што потврдува дека во државата владее економско фијаско и распад-систем, дека повторно ниту една шајка нема да биде закована, дека нема да има повисоки плати и пензии. Двете најголеми унии на синдикати се на штрајкови, а против вашата економска политика се и сите комори, организации на работодавачи и синдикати. За 12 месеци во Собранието носиме четири документи со предзнак буџет или ребаланс и на есен е најавен нов ребаланс, рече Стојановски.