Во Собранието денеска во 11 часот треба да започне седницата на која треба да биде конституиран новиот парламентарен состав. На дневен ред на седницата се четири точки односно избор на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието. Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието. Според најавите, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата Вреди.
Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат само 118 бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Се уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница.
Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се Христијан Мицкоски, кој се очекува да биде мандатар во новата влада, Гордана Кочовска Димитриевска, Синиша Стојановски, Бети Стаменковска, Тони Јаревски, Иван Живковски, Љупчо Пренџов, Марија Митева, Иванка Василевска, Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска, Бобан Николовски, Бојан Стојановски, Каролина Насковска, Зоран Коцевски, Бране Петрушевски, Драган Ковачки, Никола Мицевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Душко Иванов, Александар Јамалов, Драгана Бојковска, Емил Спасовски, Драгана Арсова, Александар Николоски, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Дејан Проданоски, Зоран Јованчев, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Златко Пенков, Моника Ристеска, Јулија Тушева, Жан Дрвошанов, Петар Марков, Билјана Кузмановска, Ѓорѓија Сајкоски, Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулески, Лидија Петковска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска, Грација Бакрачевска, Дафина Стојаноска, Александар Велјановски и Валентина Марчевска и други пратеници од коалицијата.
Од СДСМ, пак, пратеници се: Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Даниела Николова, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски, Горан Мисовски, Благој Бочварски, Венко Филипче, Јованка Тренчевска, Миле Талевски, Соња Мираковска, Борче Цветков, Јован Митрески, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Митко Трајчулески и Славјанка Петровска.
Пратеници од редовите ДУИ ќе бидат Блерим Беџети, Илир Хасани, Садула Дураки, Скендер Реџепи, Дијана Тоска, Ељми Азири, Зиадин Села, Муса Џафери, Арбана Пашоли, Али Ахмети, Талат Џафери, Илире Даути, Мендух Таќи, Рина Ајдари, Бејџан Илјас, Илир Демири, Сали Мурати и Фатмире Исаки.
Пратеници од коалицијата Вреди се Изет Меџити, Беким Сали, Африм Гаши, Ријад Шаќири, Мерита Колчи – Коџаџику, Салим Сулејмани, Биљал Касами (кој се откажа и побара да не му биде верификуван мандатот), Беким Ќоку, Мимоза Муса, Халил Снопче, Фатмир Лимани, Саранда Имери-Стафаи и Садик Сулејмани.
Левица и ЗНАМ имаат по шест пратеници. Пратеници од Левица се Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Амар Мециновиќ, Сашко Јанчев и Јована Мојсоска. Пратеници на ЗНАМ, која станува дел од идната владејачката коалиција, се Бобан Карапејовски, Даниел Стојчевски, Даниела Белимова, Павле Арсоски, Миле Цеков и Весна Бендевска.