
Кондарко: Два потписа не се единствен услов за кандидатска листа, ДИК има механизми за непречен изборен процес
Ќе видиме откако ќе помине рокот за поднесување на листи, 13-ти септември, колку ќе бидат пријавени, колку ќе ги исполнат условите, колку ќе бидат потврдени. Ние со одлука го уредуваме изгледот и формата и содржината на гласачкото ливче, ќе прилагодиме онака како што мораме со цел да го обезбедиме правото на сите. Дали ќе го поскапи процесот, можно е и да го поскапи, но ние мораме да го спроведеме процесот, вели Кондарко.
Потребен е целосно нов Изборен законик со попрецизно дефинирани изборни правила, вели претседателот ан Државната изборна комисија Борис Кондарко во интервју за Радио слободна Европа. Според него, Изборниот законик не ја опфаќа само работата на изборните органи, туку и финансирањето на партиите, кампањата, медиумите. Кондарко порачува дека треба да се размисли за начинот на финансирање да биде преточен во сосема издвоен посебен законик.
„Јас во една прилика кажав дека најголема потешкотија ни создава законот, изборниот закон кој повеќе од 30 пати од 2006 навака е изменет и дополнуван, меѓутоа има многу нејаснотии, многу непрецизности што ни создаваат правни, ни отвораат правни прашања и ни создаваат предизвици кои мора да ги надминуваме во склад на законитост, на транспарентност, на еднакво воспоставување на еднакви правила на игра за сите учесници во изборите“ вели Кондарко.
Во однос на анализите и предупредувањата за инфлација на кандидатски листи , ДИК има овластувања да носи соодветни одлуки и да ги прилагоди на актуелната ситуација, со цел да обезбеди непречено функционирање и одвивање на сите дејствија во изборниот процес и гласањето, објаснува Кондарко.
„Има шпекулации што би можело да се случи. Не би било добро да се коментира однапред, останува да се види постапката околу формалниот дел за поднесување на кандидатски листи трае. Единствен услов не се само најмалку два потписи за поднесување на листа, во услови кога тоа прашање не е регулирано од страна на Собранието, ДИК согласно член 31 став 2.2 има обврска да донесе правилник за регулирање на постапката за поднесување на кандидатски листи, односно потписи за независните кандидати, за група избирачи. ДИК тоа го направи. ДИК со тоа упатство не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди на конкретната ситуација“ посочува Кондарко.
Прашањето околу потписите не беше непознато и не се појави сега по распишувањето на избори, тоа беше познато уште во мај, по одлуката на Устваниот суд, вели Кондарко и додава дека во услови кога постои правото загарантирано во законот на учество на група избирачи, ДИК не може да го ускрати учеството на оваа категорија учесници во изборниот процес и тој процес мора да тече.
„Со оглед на постоењето на правото во член 60 и постоењето на постапката за собирање потписи, односно рокот за собирање потписи предвиден во член 63, кои се активни чинови во изборниот законик, ДИК постапи онака како што постапи. Тоа прашање е затворено. Реков, има и други услови кои треба да се исполнат, да видиме дали учесниците во изборниот процес ќе ги исполнат сите други законски услови. Значи не се доволни само два потписи, потребно е нашето упатство – подзаконски акт кој ја олеснува процедурата и еден вид водич за административно техничкиот дел на пополнување на сите оние обрасци кои ги има донесено ДИК и кои ќе им овозможат нивно легитимирање пред изборните органи, односно да им биде потврдена листата“, потенцира претседателот на ДИК.
На прашањето колку ова ќе го поскапи изборниот процес, Кондарко вели можно е, но треба да се почека да се види конечниот број на кандидати и кандидатски листи.
„Ќе видиме откако ќе помине рокот за поднесување на листи, 13-ти септември, колку ќе бидат пријавени, колку ќе ги исполнат условите, колку ќе бидат потврдени. Ние со одлука го уредуваме изгледот и формата и содржината на гласачкото ливче, ќе прилагодиме онака како што мораме со цел да го обезбедиме правото на сите. Дали ќе го поскапи процесот, можно е и да го поскапи, но ние мораме да го спроведеме процесот“, вели Кондарко.