
Во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера. Вообичаено е да има и зголемување на интензитетот на изборната кампања, навикнати сме, но сепак тоа да биде во некои прифатливи демократски рамки кои ќе остават позитивен впечаток за целиот изборен процес, вели во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.
Дваесетдневната изборна кампања за Локалните избори на 19 октомври започнува утре и трае до 17 октомври на полноќ.
– Иако ДИК не е надлежна да се меша во делот и да ја следи изборната кампања, ние сме надлежни само за текот на гласањето во самите избирачки места на денот на гласањето, сепак во интерес на сите и на ДИК и на учесниците, и на граѓаните и на државата која ги организира овие избори, е изборната кампања да помине во најдобар ред односно во коректна атмосфера. Вообичаено е на секои избори да имаме различна реторика, меѓутоа тоа е избор, пак, ќе речам на учесниците на изборите, на политичарите, на кандидатите и на партиите како ќе им пристапат на граѓаните. Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат. Коректно е изборната кампања да биде со почитување и на политичкиот противник но и, пред се, со почитување на законските прописи и тоа не само на оние што е предвидено со Изборниот законик туку и на оние што се наменети за учесниците од страна на сите други институции кои се надлежни да го контролираат текот на изборите, трошењето на средствата, начинот на кој се однесуваат кандидатите, политичките партии итн, изјави Кондарко.
На изборите, како што соопшти Кондарко, ќе учествуаат 309 кандидати за градоначалници, додека бројот на потврдени листи за советници е 576.
– Бројот на партии кои учествуваат на овие избори е 22 партии, за споредба со 2021 година кога биле 27 партии. Сега имаме нешто повеќе коалиции 19 на број. Во 2021 година сме имале седум на број коалиции. Тоа се должи на фактот што поголемите политички партии СДСМ има четири различни коалиции кои настапуваат како четири различни субјекти во зависност на бројот на партии, видот на партии внатре во коалицијата се како посебни субјекти, во различни општини, додека ВМРО – ДПМНЕ има 11 посебни коалиции. Бројот на група избирачи, значи независни кандидатури што по Закон се означуваат како група избирачи, е 119 на овие локални избори. Нешто помал бил бројот во 2021, нешто над 90, рече претседателот на ДИК.
Право на глас на локалните избори имаат 1 832 415 гласачи, од кои 1 717 803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2 162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Иако бројот на кандидати за градоначалник за Град Скопје е голем односно 16 и има поголем број на советнички листи, Кондарко смета дека тоа нема да се одрази на времето за гласање и не очекува никакви проблеми. Постапката за гласање останува иста како и на минатите избори, но нагласува дека иако има две избирачки ливчиња во 80-те општини и четири во Скопје ќе има само еден Избирачки список бидејќи се работи за еден вид на избори.
Во продолжение во целост го пренесуваме интервјуто со претседателот на ДИК Кондарко:
Утре почнува кампањата за Локалните избори 2025. Дали Државната изборна комисија е подготвена за реализација и спроведување на овие избори?
ДИК е подготвена и постојано ги прави неопходните припреми во од, ги презема сите дејствија согласно Изборниот законик, навремено, целосно заедно со сите избирачки одбори, подрачните одделенија, се што е планирано во пресрет на спроведување на изборите, се е направено. Нашите подготовки, и формално, и неформално се почнати многу месеци пред распишување на изборите така што, непречено ќе се одвиваат сите изборни дејствија, до крајот на изборниот процес, и во текот на самата изборна кампања.
Ова се најголеми избори по обем бидејќи се бираат градоначалници во 80-те општини и Градот Скопје и советници. Деновиве го објавивте бројот на сите потврдени кандидатури за градоначалници и советници. Инаку во текот на изминатата недела за дел од нив се правеа дополнителни потврди. Може ли сега финално да кажеме една конечна бројка колку учесници ќе има на овие избори?
-Како што рековте Локалните избори по дефиниција, по обем се најголеми и најкомплексни и најсложени за организација, и за ДИК, и за Општинските изборни комисии, но и за самата работа на избирачите одбори кои де факто го спроведуваат на лице место изборниот процес, целата процедура на гласање, од појавувањето на гласачите на гласачкото место, идентификацијата, давањето на гласачко ливче, пронаоѓањето во Избирачкиот список, пребројувањето на гласовите, составувањето на записници. Со оглед дека имаме и пропорционален модел за избор на советници, мнозински модел за избор на градоначалници, а во Скопје имаме во десет скопски општини плус избор на градоначалник и совет на Скопје, така што, ќе има четири гласачки ливчиња. Посложени се, пообемни, сите и по број на учесници на изборите. Не е невообичаено на овие избори во споредба, да речеме, со минатите Локални избори од 2021 бројот на учесници, можеби е некаде зголемен за десетина, 15 учесници. Ние објавивме завчера на јавната седница кога се правеше ждрепката за редоследот на гласачкото ливче, 153 учесници, во 2021 година на локалните избори, имавме негде околу 140. Така што, бројот на учесници е приближно ист. Бројот на потврдени листи од страна на Општинските изборни комисии, за градоначалници вкупно на ниво на цела држава, бидејќи еден подносител на листа покрај партиите, коалициите, и независните кандидати, поднесуваат во повеќе општини. Бројот на потврдени листи за градоначалници, вкупно е 309, бројот на потврдени листи за советници е 576, шест листи за градоначалници се отфрлени, четири листи за советници, се отфрлени. Уште во една општина течат роковите за потврдување на една советничка листа, и тоа е конечниот број. Редните броеви се извлечени, партиите можат слободно, учесниците да почнат со реализација на својата кампања во понеделник на 29-ти. Бројот на коалиции кои учествуваат на овие избори е нешто поголем. Бројот на партии кои учествуваат на овие избори е 22 партии, за споредба со 2021 година кога биле 27 партии. Сега имаме нешто повеќе коалиции 19 на број. Во 2021 година сме имале 7 на број коалиции. Тоа се должи на фактот што поголемите политички партии СДСМ има четири различни коалиции, кои настапуваат како четири различни субјекти во зависност на бројот на партии, видот на партии внатре во коалицијата се како посебни субјекти, во различни општини, додека ВМРО – ДПМНЕ има 11 посебни коалиции. Бројот на група избирачи, значи независни кандидатури што по Закон се означуваат како група избирачи е 119 на овие локални избори. Нешто помал бил бројот во 2021, нешто над 90.
Само да објасниме за гласачите. Постапката на гласање ќе биде иста. Веќе кажавте дека ќе има еден Избирачки список. Повторно ќе се користат биометриските апарати за идентификација на гласачите. Постапката останува иста како и на минатите избори?
-Да, тоа е битно за гласачите за јавноста да биде појаснето. Ова се локални избори и како што кажав претходно, имаме во општините по две гласачки ливчиња, за совет и за градоначалник. Во Градот Скопје во десет општини имаме 4 гласачки ливчиња, градоначалник на Град и градоначалник на општина, советници на Град, советници на општина. Меѓутоа ова се еден вид на избори. Локалните избори се еден вид на избори, се распишуваат со еден акт за распишување од страна на претседателот на Собранието што значи дека имаме еден Избирачки список на секое гласачко место. Без разлика што има две во општините гласачки ливчиња, односно во Градот Скопје четири, Избирачкиот список на секое гласачко место е еден, и граѓаните ќе се идентификуваат еднаш со оставање на еден отпечаток од прстот во фингер принтот и со еден потпис во Избирачкиот список. Значи нема двојно идентификување или четири пати во Градот Скопје. Тие ќе добијат две, односно 4 гласачки ливчиња, но идентификацијата и потпишувањето е еднаш односно во еден избирачки список. Значи начинот на гласање останува ист. Таа е спецификата. Само како компарација со минатите избори, парламентарни и претседателски минатата година, таму имавме два различни вида на избори, и затоа имаше два избирачки списока посебни за секој вид на избори, и затоа граѓаните се потпишуваа двапати. Сега ќе се потпишуваат само еднаш во изводот од Избирачкиот список.
Кога сме кај Градот Скопје, има 16 кандидати за градоначалник и повеќе листи за советници. Тоа значи и повеќе време за гласачите да го завршат процесот на гласање. Очекувате ли да се зголеми времето за гласање и колкаво ќе биде избирачкото ливче?
Гласањето ќе биде нормално, вообичаено, и нормално е тоа што вие го констатиравте дека за локални избори имаме две гласачки ливчиња, во градот Скопје четири. Исто така имавме по две гласачки ливчиња и минатата година, во исти ден имавме дупли избори, претседателски и парламентарни, и гласањето и тогаш беше нормално и вообичаено, во делот на времето потребно за гласање. Нормално физички е дека треба теоретски повеќе време, но ништо тоа не е спорно или невообичаено затоа што сепак локалните избори се такви, гласачите тоа го знаат, избирачките одбори го знаат така што не очекуваме дека тоа ќе предизвика некој застој, некои гужви, гласањето ќе се одвива нормално. Избирачкиот одбор има напатствија како да ги организира гласачите кои пристапуваат на гласање. Има точно определен редослед на дејствијата кои се превземаат во избирачкото место. Влегува гласачот, се идентификува со лична карта, важечка или пасош, се пронаоѓа во Избирачкиот список, остава отпечаток од прст, му се дава гласачко ливче, се потпишува во Избирачкиот список, го става ливчето во гласачката кутија така што, нормално е на овој начин да се спроведе гласањето. Идентификацијата е еднаш, ги добиваат две односно четири ливчиња во исто време, зад параванот тајно се заокружуваат ливчињата така што тоа нема да одземе многу време, и нема да биде тоа нешто што ќе го забави процесот.
Кога сме кај избирачките одбори, дали се тие комплетно екипирани и кога ќе почне нивната обука имајќи предвид дека ова се нови состави на избирачките одбори? Во меѓувреме исто така имаше одредени изземања во општинските изборни комисии. Дали тие се докомплетирани?
Да, овој процес се одвива веќе неколку недели наназад на доекипирање на составот на општинските изборни комисии, кој го правиме ние како ДИК зашто сме надлежни и тоа се прави, тие се во мандат, имаат мандат уште една година. Значи имаат пет години мандат за разлика од избирачките одбори кои имаат четири години мандат. ОИК од објективни причини може некој член, заменик има можност во законот, лични, семејни, здравствени причини со предложување на соодветна документација, ние тоа го правиме, со цел да обезбедиме полн состав на функционирање на изборниот орган. Пет члена плус пет заменици. Се разбира, тие имаат свои заменици, но додека можеме во пресрет на изборите, гледаме тоа да биде функционален комплетен состав. Има и други објективни причини, отсутни се од државата, го изгубиле статусот на државен службеник, има неспоивост на функции, на пример, се кандидирале на изборна листа. Тоа се се причини, објективни поради кои се изземаат општинските изборни комисии и се надополнува составот. Наново имавме избор на целосно нов состав на избирачки одбори по случаен избор според базата која ја имаме на државна и јавна администрација од Министерството за јавна администрација. Тоа го прават ОИК, ги бираат избирачките одбори според строго определена процедура. Значи, таму нема човечки фактор, и изборот е случаен. Дел од избирачките одбори се од јавна и државна администрација, останатиот дел по еден член и заменик позиција – опозиција, партиите ги предлагаат ад хок за секои избори во избирачките одбори. Нивната обука е веќе во тек. Претходно направивме обука и ресертификација на нашите овластени обучувачи кои според план и програма во целата држава прават обука на сите 3480 избирачки одбори, значи близу 35 илјади лица, заедно со администрацијата и партиските членови, сите имаат еднаков третман. Имаат за тоа соодветни прирачници за обука. И за првпат како новина и за олеснување на работата на самите членови на избирачките одбори, воведовме и еден мини т.н. џебен прирачник, кратка верзија на прирачникот со најважните дејствија, кои ќе можат и брзо да го прочитаат односно да го имаат на располагање на самиот ден на гласањето во избирачкото место со себе, што сепак е еден чекор напред во професионализацијата и начинот на обука на изборните органи.
Избирачкиот список е веќе заклучен. Колку гласачи имаат право на глас на локалните избори?
Да, на 26 септември, според Законот беше рокот за заклучување на конечниот Избирачки список. Ние на јавна седница тоа го направивме. Вкупниот број на запишани гласачи за овие локални избори изнесува 1 832 415 гласачи, граѓани со право на глас кои ги исполнуваат сите законски услови да бидат во Избирачкиот список. Претходно дваесет дена спроведовме јавен увид во Избирачкиот список во сите подрачни одделенија на ДИК. Непосредно граѓаните имаа можност физички да поднесат барање за промени, бришење, дополнување во Избирачкиот список, но иста така паралелно со јавниот увид физички во подрачните одделенија, се вршеше и јавен увид електронски преку веб страната на ДИК. Според нашите податоци во подрачните одделенија скоро седум илјади граѓани непосредно извршиле јавен увид, додека електронски јавен увид, за време на јавниот увид, зборувам, извршиле речиси 20 илјади граѓани. Иако напоменувам дека електронскиот јавен увид може да се врши во текот на целата година и кога нема избори. Избирачкиот список го ажурираме четири пати годишно по податоци добиени од МВР. За време на изборите добиваме посебни податоци од МВР, конкретно за изборниот процес. Тие се обработувани од Државниот завод за статистика така што, Избирачкиот список е проверен без разлика на тоа граѓаните и понатаму имаат евентуално право на приговор доколку настанала некоја техничка грешка и можат да поднесат приговор за лично избирачко право. Доколку има основ ние ќе им дадеме потврда дека можат да го остварат своето право на глас.
Една од спецификите на овие избори е тоа што дијаспората нема право на глас. Вие при изнесувањето на податоците за Избирачкиот список изнесовте и податодок за посебниот избирачки список за лица кои не живеат во Македонија. Чинам бројката беше 112000.
Да, тоа го кажавме на јавната седница. Треба да се појасни за јавноста дека на локални избори нема организирање на гласање во дијаспората односно во Дипломатско конзуларните претставништва, вкупно 52 на број како што е тоа гласањето за претседателски и парламентарни избори. Значи граѓаните што се надвор од државата на престој и работа во странство се запишани во Избирачкиот список како Посебен избирачки список. Оние што го одјавиле своето отсуство од државата и што отсуствуваат повеќе од една година. Тоа е бројката од 112 илјади која ни беше доставена од МВР, и сите тие за секое избирачко место се согласно закон, мислам дека беше 45 или 46 одредбата од Законот, ставени во Посебен избирачки список, така што доколку евентуално некој има можност да дојде и сака да гласа може своето право да го оствари на избирачкото место според местото на живеење каде што е запишан и каде што има важечка пријавена адреса според важечки личен документ. Значи тоа не е спорно. Може да го остварат своето право на глас. Вкупно запишани гласачи се од тие 1 832 415, се 1 717 803 додека останатите 112 илјади се на привремена работа и престој во странство отсутни, одјавени, самите се одјавиле повеќе од една годна, но имаат живеалиште во Македонија. Исто така во оваа вкупна бројка од 1 милион 832 илјади, спаѓаат и 2 162 гласачи, кои се на издржување казна затвор или притвор односно 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови.
Имате ли статистика односно бројки на лица кои сега стануваат полнолетни и ќе имаат право на глас на локалните избори?
Согласно изборниот законик, ДИК нема обврска да ги дели по однос на разни параметри, статистички категории бројот на гласачите. Но, бројот на нови гласачи, млади гласачи по основ на полнолетство кои стекнуваат право на глас на овие локални избори, ги издвоивме и направивме две статистики. Едната е дека од почетокот на оваа година од 1 јануари 2025, до 19 октомври 2025, со право на глас ќе се стекнат некаде околу 21 илјада граѓани по основ на полнолетство. Додека податоците во споредба со периодот од минатите избори од мај 2024, до октомври 2025, тој број на полнолетни граѓани кои ќе се стекнат со право на глас помеѓу двата изборни циклуси, за околу значи растојание од година и пол, е околу 38 илјади граѓани. Ќе се гласа на 3480 гласачки места, така е предвидено според законот.
Во колку избирачки места има помалку од десет гласачи и има ли промена на локациите на некои гласачки места?
Ние минатата недела на јавна седница го објавивме како обврска во изборниот процес и целосниот Опис на избирачки места. Тоа е поради информирање на самите граѓани како гласачи. Во самиот опис се содржи населеното место, градот, адресата и објектот на гласање – дали се работи за јавен објект, градинка, школо…Во најголем број случаи нема промена на гласачките места. Секогаш е вообичаено одреден број на минимални промени објективно да има доколку нема услови за гласање физички во објектот. Имаме и некои рурални населени места каде што немаме јавни објекти и по закон мораме да изнајмуваме. Тоа се некаде околу 300 до 400 избирачки места каде што секоја година се одвива гласањето надвор од јавни објекти. И затоа изнајмуваме објекти кои ги прилагодуваме за да ги исполнуваат потребни услови по увид на лице место од страна на нашите подрачни одделенија во соодветните градови. Конкретно под 10 запишани гласачи согласно Изборниот закон, не се спроведува гласање на тоа избирачко место меѓутоа тие граѓани што се во Избирачки список, а се под десет запишани своето право на глас го остваруваат во најблиското соседно избирачко место така што правото на глас им е гарантирано и за тоа се известуваат и во описите на избирачки места кои исто така Општинските изборни комисии во рамките на секоја општина се должни да ги објават најдоцна 22 дена пред изборите на јавни места за да ги информираат граѓаните. Такви избирачки места каде што имаме под десет гласачи запишани се вкупно 132 за овие избори. Значи тие ќе гласаат, меѓутоа гласањето ќе го спроведе на Посебен избирачки список на тоа избирачко место избирачкиот одбор што е најблиску до нив, за да не ангажираме дополнителни избирачки одбори за овие 132 избирачки места. Додека имаме од друга страна, пак, избирачки места каде што имаме над илјада запишани избирачи. Такви се 70 избирачки места на овие локални избори. И секаде каде што имавме можност поради функционалност на гласањето, гласачите што се над илјада избирачки ги распоредувавме во соседните избирачки места. Тоа е физички истиот објект на гласање, но ги распоредувавме во соседната просторија така што нема да има никакви забуни за граѓаните во делот на локациите на објектите. Имаше исклучителни случаи, но тоа се два или три случаи во целата држава каде што поради физички недостатоци на објектите за гласање немаше можност во соодветните градинки или школи поради реновирање, руинираност или такви ситуации, да се спроведе гласањето. Тоа го организиравме за неколку избирачки места на ниво на цела држава во најблиските соседни објекти и за тоа на време ги информиравме граѓаните.
Дали изборите ќе чинат онолку колку што беше предвидено? Приближно 9, 6 милиони евра или ќе се излезе од оваа рамка?
Изборите ќе ги спроведеме во рамките на планираните и одобрени средства од страна на Министерството за финансии. Нормално дека на крајот на изборите после сумирање на сите избирни дејствија, зависно и од тоа дали и на колку места ќе има втор круг на гласање, тоа повлекува одредени трошоци за организација, транспорт, материјал итн. Ние после секои избори доставуваме извештај до Собранието, целосен извештај за спроведените избори, вклучувајќи и финансиски извештај. Секогаш гледаме рационално да ги користиме средствата за сите намени така што очекувам дека ќе потрошиме и помалку од тоа. Се што нема да биде потрошено, ќе биде вратено во Буџетот на државата.
Има посебни рокови за пријавувањето на болните и изнемоштените лица за гласање на изборите и за објавувањето на анкетите.
Ова се многу значајни прашања бидејќи правото на гласање од дома еден ден пред избори е загарантирано на сите оние што ги исполнуваат условите поради здравствени причини. Рокот за пријавување на овој тип на гласање, е седум дена пред денот на гласањето во општинските изборни комисии преку полношник или електронски преку мејл со доставување на потребната медицинска документација како доказ. Нашите избирачки одбори ќе го спроведат гласањето во нивните домови. Рокот за објавувањето на анкетите е пет дена пред денот на одржувањето на избори, значи истражувањето на јавното мислење. Во делов што беше споменат за гласањето на болни изнемоштени лица, како и сите оние други категории на лица, текот на гласањето, правилата на гласањето, забраните што смеe a што не смее да се прави на гласачкото место, како едукативна и информативна кампања ние ќе спроведеме веќе од почетокот на наредната недела со разни медиумски алатки и спотови итн., аудио, телевизиски, така што сето ова ќе придонесе за подобра информираност на граѓаните за остварувањето на своето право на глас.
Господине Кондарко утре почнува изборната кампања која завршува на 17 октомври. Која е вашата порака како претседател на Државната изборна комисија до сите учесници на овие избори?
Државната изборна комисија не е соодветно да праќа конкретни пораки до учесниците на изборите, но во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска коректна атмосфера, пред се, во делот на изборната кампања. Иако ДИК не е надлежна да се меша во делот и да ја следи изборната кампања, ние сме надлежни само за текот на гласањето во самите избирачки места на денот на гласањето, сепак во интерес на сите и на ДИК и на учесниците, и на граѓаните и на државата која ги организира овие избори е изборната кампања да помине во најдобар ред односно во коректна атмосфера. Вообичаено е на секои избори да имаме различна реторика, меѓутоа тоа е избор, пак, ќе речам на учесниците на изборите, на политичарите, на кандидатите и на партиите како ќе им пристапат на граѓаните. Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат. Коректно е изборната кампања да биде со почитување и на политичкиот противник но и, пред се, со почитување на законските прописи и тоа не само оние што предвидено со Изборниот законик туку и оние што се наменети за учесниците од страна на сите други институции кои надлежни да го контролираат текот на изборите, трошењето на средствата, начинот на кој се однесуваат кандидатите, политичките партии итн. Во интерес е на сите пораката да биде изборите да поминат во коректна демократска атмосфера. Вообичаено е да има и зголемување на интензитетот на изборната кампања, навикнати сме, но сепак тоа да биде во некои прифатливи демократски рамки кои ќе остават позитивен впечаток за целиот изборен процес.