Комитетот на регионите на ЕУ за Буџетската рамка 2028-2034: Чудовиште што ја проголта кохезијата

Ние не сме САД. Ние не сме централизирана машинерија. Европа се базира на своите региони и нејзината разновидност е нејзина сила, истакна претседателката на Европскиот комитет на регионите.

Предложената Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ (МФФ) за периодот од 2028 до 2034 година не ги зема предвид интересите на локалните и регионалните заедници и „ги става на страна“ градовите и регионите во интерес на поголемата централизација, изјави претседателката на Европскиот комитет на регионите, Ката Тите во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.

– Имаше многу најави што доаѓаа од претседателката на Европската комисија кога станува збор за буџетот. Таа говореше дека регионите ќе бидат во неговата срж. Говореше за политиката на кохезија како за основен столб, што ќе остане. Таа говореше за улогата на локалните лидери, за локалната самоуправа… Но, ние чувствуваме дека поедноставувањето и ефикасноста ќе донесат нешто друго. Она што се случи е многу интересен начин за централизирање на работите. Она што го гледаме го нарекувам чудовиште што ја проголта кохезијата, изјави Тите.

Со предлогот се предвидува, префрлање на надлежноста за распределба на 50 отсто од средствата за кохезивна политика и за земјоделски програми на властите на земјите членки на ЕУ врз основа на националните планови за инвестиции и реформи.

Според Тите, со ваквиот буџетски предлог се прави централизација и сите политики – за земјоделството, кохезијата, миграција, гранична контрола, социјална заштита…, и тие се „ставени во една вреќа“.

– Тоа навистина го крши ‘рбетот на кохезивната политика, смета Тите.

Таа ја обвини претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека создала ситуација на „Игри на гладот“ во која регионите и градовите ќе се натпреваруваат за својот дел од еден „запечатен контејнер со средства“ и се оставаат „меѓусебно да одлучуваат кој што ќе добие“.

– Ние не сме САД. Ние не сме централизирана машинерија. Европа се базира на своите региони и нејзината разновидност е нејзина сила, истакна претседателката на Европскиот комитет на регионите.

Според неа, со ваквиот предлог се ограничуваат амбициите на локалните лидери и нивниот иновативен капацитет за реализација на напорите за овозможување безбедност за граѓаните.

– Не ја прифаќам оваа игра. Затоа сакаме да го одбиеме ова. Тоа е она што го правиме… Во ова време на неизвесност што го гледаме денес навистина ни е потребна стабилност. Кохезивната политика е алатка за долгорочно инвестирање. Ако им дадете флексибилност на земјите членки во врска со тоа, долгорочните можности ќе се претворат во краткорочно решение, не затоа што некој е злонамерен, туку затоа што нема доволно ресурси, а има премногу кризи што го тресат системот, смета Тите.

На предложената буџетска рамка, според неа, и недостасува јасна насока за некои клучни области како невработеноста кај младите, грижата за децата, граничната контрола и земјоделството.

Тите смета дека Фон дер Лајен се обидува за себе да ги задржи „големите сјајни работи, инвестирајќи во гига фабрики, во дигиталната, вселенска и одбранбена индустрија“, во се што е ново и сјајно, а на националните влади и препушта да „се справуват со нередот“.

Претседателката на Советот на регионите смета дека кохезивната политиката треба да остане самостојна стапка, а не дел од некаков пакет.

– Таа е дизајнирана да биде алатка за стабилизирање, долгорочен поттик и интегрирање и за проток на енергија на сите различни европски политики, вели Тите, додавајќи дека ЕУ треба повеќе да инвестира во својата база, а не „во изградба на Вавилонска кула“.

Според Тите, со спојувањето на средствата за кохезивната политика во голем пакет ќе ослабне нејзината примарна улога и таа ќе се сведе на „добротворен фонд за посиромашните региони“.

– Ова не е добротворен фонд, никогаш и не бил добротворен фонд. Ова е главната алатка, начин на кој ги интегрираме сите различни политики преку нивна имплементација. Тоа го правиме со користење на кохезивните фондови. Затоа мораме да размислиме, нагласи Тите.

Европскиот комитет на регионите е советодавно тело на ЕУ кое ги претставува интересите на локалните и регионалните власти од целата Унија. Него го сочинуваат 329 членови од сите 27 земји членки на ЕУ, избрани меѓу членовите на органите на локалните или регионалните власти.

Кохезивната политика на ЕУ има за цел намалување на нееднаквоста меѓу регионите и земјите членки и промовирање на економска, социјална и територијална кохезија во Унијата. Таа се фокусира на инвестициска поддршка на создавањето нови работни места, зајакнување на конкурентноста на бизнисот, поттикнување на економскиот раст и одржливиот развој и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.

Фото: ЕНР