Комисија за заразни болести предлага укинување две рестриктивни ковид мерки

„Укинување на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност на ковид-19 или вакцинација при излез од земјава, а бремените жени да се вратат на работа“. Ова се двата предлога што Комисијата за заразни болести ќе ги достави до Министерството за здравство откако епидемиолошката состојба во земјава почна да се смирува.

„Тоа не значи дека во земјите каде е потребно да се поседува сертификат или ПЦР дека нема да се бара туку се укинува само мерката од минатата година дека треба овие документи да се прикажат при излез од нашата држава“, рече денеска д-р Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисијата за заразни болести.

Од 1 септември лани и домашните и странските државјани за излез и влез во земјава на граничниот премин требаше да приложат потврда за примени две дози од вакцина против ковид-19 или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или негативен ПЦР тест, направен најмногу 72 часа претходно, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

За бремените жени Мехмедовиќ рече дека се предлага да се укине ослободувањето од работа согласно препораките од релевантни институции и од примерите во светот каде силно се препорачува бремените жени кои планираат бременост, се бремени или дојат да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат свеоето здравје.

Во врска скринингот во училиштата, од околу 800 тестирани деца во училиштата, само 8 биле позитивни на коронавирусот, информираше Мехмедовиќ.

„Скринингот во училиштата сè уште не е целосно завршен. Треба да ја имаме онаа бројка која ја ветивме на почеток, репрезентативен примерок од 1.800 или 2.000 испитаници. Интересот беше голем. Околу 5.000 родители доставија согласност за тестирање на нивните деца. Иницијалните информации укажуваат на тоа дека во овој момент од 800 тестирани деца, само осум биле регистрирани како позитивни“ – изјави Мехмедовиќ.