Членовите на Комисијата за помилување поднесоа колективна оставка.
„Ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на комисијата за помилување. Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи“, објави на Фејсбук Гордан Калајџиев, еден од членовите на комисијата покрај Методија Каневчев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, Зора Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.
Ова следува откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прифати нивниот предлог да помилува контроверзни ликови од криминалното подземје.
Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување
Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката на членовите на Комисијата за помилување, соопштија вечерва од кабинетот на претседателката.
-Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во комисијата. Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи. Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири, стои во соопштението.
Воедно се додава дека во следниот период претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица, стои во соопштението од кабинетот на претседателката.