За предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, што ги предложи пратеникот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, треба да заседаваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично работно тело и Законодавно-правната комисија, откако денеска Собранието го прифати неговиот предлог да се носат по скратена постапка.
Седницата на Комисијата за политички систем е закажана за вечер во 18 часот.
При утврдување на дневниот ред на втората седница на Собранието, поддршка законот да се носи по скратена постапка дадоа 74 пратеници, а против беа 24.
Повлекување на предложените измени побараа пратениците од Левица и од СДСМ со образложение дека вакви системски закони не смеат да се носат по скратена постапка.